Лето/ Емира Рамадани, психолог во Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка при Црвениот крст - Фото: Pexels/приватна архива

Совршени плажи, лажна реалност — психологот Рамадани советува како летните слики на Инстаграм да не ви го расипат мирот

Летниот период е време кога на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од совршени плажи,  зајдисонца, егзотични патувања и многу насмевки. Но, додека ги гледаме фотографиите, често ни се јавува чувство дека нашиот живот е здодевен, помалку возбудлив или вреден во споредба со она што го гледаме на фотографиите. За овој „летен феномен“ и неговото влијание врз менталното здравје, за „Слободен печат“ разговаравме со Емира Рамадани, психолог во Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка при Црвениот крст на Македонија.

Лето – Фото: Pexels

Филтрирана слика наспроти целосната реалност

Психологот Рамадани ни објаснува дека првиот чекор за заштита на сопствениот мир е да сфатиме дека она што го гледаме на екраните не е реалниот живот, туку негова  уредена верзија.

„Социјалните мрежи неретко прикажуваат само внимателно одбрани моменти, најубави плажи, насмевки и ‘совршени’ денови. Кога се споредуваме со таа филтрирана слика, многу лесно може да се појави чувство дека нашиот живот е помалку возбудлив или вреден, иако реалноста зад тие фотографии речиси никогаш не е целосна. Важно е да се потсетиме дека Инстаграм не е реален приказ на секојдневието, туку негова козметички уредена верзија“, истакнува Рамадани.

Оваа поинаква перцепција доаѓа од начинот на кој ги прифаќаме информациите, туѓите животи ги оценуваме само според нивните најдобри кадри, додека својот го гледаме зад сцената.

„Ние најчесто ги гледаме само врвните моменти на другите луѓе, додека сопствениот живот го доживуваме во неговата целост, со сите добри, но и помалку добри, обични или тешки денови. Таа несразмерна споредба е главниот извор на фрустрација“, објаснува психологот.

Лето – Фото: Pexels

Како да се вратиме кон сопственото искуство?

За да се излезе од овој круг на незадоволство, Рамадани советува свесно менување на фокусот и поставување граници во дигиталниот свет.

„Клучно и многу корисно е свесно да го ограничиме споредувањето со другите на социјалните мрежи и да се вратиме кон сопственото, автентично искуство. Треба да се запрашаме, што е она што нам навистина ни носи радост, мир и исполнетост во моментот, дури и ако тоа не изгледа ‘совршено’ за да се прикаже или објави како слика?“, советува таа.

Вистинската стабилност  се гради во реалниот свет, далеку од телефоните.

„Кога вниманието ќе се насочи кон личната автентичност и вистинското доживување на нештата, наместо кон креирање на надворешна слика за јавноста, тогаш и нашето чувство на лична вредност станува многу постабилно, поцврсто и помирно“, заклучува Емира Рамадани за „Слободен печат“.

Лето – Фото: Pexels

Лекција по дигитален детокс

На крајот, пораката од експертите за ова лето е едноставна, уживајте во вашите моменти без притисокот дека мора да ги „докажете“ пред публиката на социјалните мрежи. Најдобрите спомени честопати се оние кои остануваат незабележани од камерата, но длабоко врежани во нашето чувство за мир и среќа. Наместо да го мерите успехот на вашето лето според бројот на лајкови на туѓите профили, исклучете го телефонот и живејте го сопственото лето, во неговата убава и несовршена реалност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот