Филмот „17“ на Косара Митиќ со светска премиера на 76. Берлинале: „Овој филм не ги затвора, туку ги отвора проблемите кои секојдневно ги премолчуваме“
Новиот македонски долгометражен игран филм „17“, во режија на Косара Митиќ и во продукција на Томи Салковски и „Црна мачка“, ќе ја има својата светска премиера на претстојниот 76. Берлински филмски фестивал во категоријата „Перспективи“, од 12 до 22 февруари. Филмот се занимава со теми кои се дел од животот на тинејџерите и го прикажува суровиот реализам на нивните искуства.
Препорачано
„’17’ раскажува вистински настан што ја потресе јавноста, кога девојка од Македонија заминала на екскурзија, во меѓувреме се породила во јавниот тоалет на границата Табановце, го оставила бебето во корпа за отпадоци и се вратила кај соучениците како ништо да не се случило. Самиот чин не е толку шокантен, колку тоа што никој не успеал да забележи што се случува“, објаснува режисерката Косара Митиќ.
Филмот не бара одговорност ниту морализира, туку ги истражува причините и последиците за вакви настани, вели Косара. Главните ликови се две тинејџерки кои минуваат низ тешки и трауматични искуства, опкружени со насилство и бруталност, што е главната мотивација на приказната.

Продуцентот Томи Салковски истакна дека прифатил да работи на филмот уште пред сценариото да биде целосно разработено.
„Целото сценарио беше долг процес. Овој филм не ги затвора туку ги отвора проблемите и темите кои често ги премолчуваме во секојдневието. Ова е европски филм, и уште од почеток знаевме дека ќе завршиме на голем фестивал. Не само за мене, за режисерката, за тимот, ова е огромен успех за цела Македонија“, изјави Салковски.

Директорката на Берлинале изјавила дека за првпат во историјата на овој фестивал се пријавиле над 350.000 филмови, а македонскиот филм „17“ бил меѓу првите кои биле избрани за презентација, што го прави успехот уште повпечатлив, изјави Салковски.
Главните актерки, Мартина Даниловска и Ева Остиќ (која го толкува ликот на Сара), истакнаа дека филмот длабоко ги поврзал како млади актерки.
„Беше долг и емотивен процес. Се навраќавме и на некои сопствени искуства и тоа ни помогна уште повеќе да ги доживееме ликовите и нивната ранливост“, изјавија тие.

Македонскиот филм „17“ ќе се натпреварува во селекцијата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, како уште еден доказ за растечкиот потенцијал на македонската кинематографија.
Филмот е продуциран во соработка со „Арт попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од македонската Агенција за филм, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал.


