Обожавателите утре ќе му оддадат последна почит на Владо Јаневски пред арената „Борис Трајковски“
Граѓаните утревечер ќе имаат можност заеднички да му оддадат последна почит на македонската музичка легенда Владо Јаневски.
Препорачано
Собирот ќе се одржи во 20 часот на платото пред арената „Борис Трајковски“, каде почитувачите на неговото дело ќе се простат од музичарот чии песни повеќе од три децении беа дел од животите на многу генерации.
Во повикот објавен на социјалните мрежи се наведува дека присутните ќе запалат свеќи и ќе ги отпеат неговите најпознати песни, во знак на благодарност и почит кон неговото музичко наследство.
„Нека неговите песни одекнат уште еднаш, нека светлината од свеќите биде нашето „благодарам“, а нашето присуство доказ дека големите уметници никогаш не се забораваат“, стои во објавата на продукција „Прагма“.
Организаторите ги повикаа сите што го сакаа, почитуваа и растеа со музиката на Владо Јаневски да присуствуваат на собирот.
„Да го испратиме достоинствено. Со песна. Со тишина. Со љубов. Затоа што легендите никогаш не умираат. Тие засекогаш остануваат во срцата на својот народ“, се наведува во повикот.
View this post on Instagram
Да потсетиме, Владо Јаневски почина синоќа, на 65-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники.
Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови.


