Беким Сали / Фото: Влада на РСМ / Фејсбук

Откако Уставен суд ги укина, Тетово со нова постапка ќе ги врати имињата на улиците и плоштадот, рече Беким Сали

Откако Уставниот суд одлучи дека не било уставно и законски тоа што во 2007 година биле преименувани дел од улиците и централниот плоштад во Тетово и поради таквата одлука беа вратени старите имиња во градот, денеска вицепремиерот за европски прашања Беким Сали од Вреди, најави дека е почната нова процедура со која ќе се вратат имињата.

-Одлуката за менување на имињата на улиците во Тетово од 2007 година е донесена само од страна на советниците. Процедурата не е запазена, односно не е испочитуван законот кој вели дека за таа листа на имиња што се предлагаат и ќе се гласаат, треба да има одобрение од страна на Владата. Во тоа време листата не е одобрена од Владата и така, на ноншалантен начин, ги менувале имињата на улиците, меѓутоа де факто и де јуре процедурата не била испочитувана. Денес, по речиси 20 години, се соочуваме со ситуација во која Уставен суд носи одлука спротивна на таа што е донесена од 2007 година. Сега веќе градот Тетово има почнато нова процедура за менување на имињата, според прописи и закони што се актуелни и во сила. И тоа менување ќе биде во интерес и на граѓаните и за почитување на благосостојбата во Тетово и другите градови. Постапката ќе биде запазена, потенцира Сали пред настанот со кој Вреди одбележува две години од работењето како дел од владината коалиција.

Тој ги оцени како политички протестите на ДУИ пред два дена во Тетово, со кои изразија несогласување со одлуката на Уставниот суд. Со транспаренти во рацете, веејќи албански знамиња и извикувајќи пароли, граѓани на Тетово пред 2 дена излегоа на протестен марш во Тетово против одлуката на Уставниот суд со која се укина преименувањето на дел од улиците и плоштадот во градот, одлука што во 2007 година ја донесоа тогашните општински власти. Со укинувањето на одлуката на Општина Тетово од пред речиси 20 години, се вратија претходните имиња на дел од улиците и на градскиот плоштад кој во 2007 беше преименуван од „Маршал Тито“ во „Илирија“.

На протестот,  немаше јавни обраќања туку беа извикувани пароли „УЧК“, „Кој го продаде Тетово – Биљал“, „Српски свет надвор од Тетово“, а на општинската зградата беа залепени имиња на улици.

Уставниот суд на седницата одржана на 17 јуни ја укина одлуката за преименување на дел од улиците и централниот плоштад во Тетово, донесена во 2007 година кога градоначалник на општината беше Хазби Лика од ДУИ.

Согласно член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, за донесување одлука за промена на имињата е потребна претходна согласност од Владата. Со донесувањето на Одлуката без потребната согласност од Владата, Општина Тетово го повредила начелото на владеење на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и член 5 став 2 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, наведоа од Уставниот суд во образложението на одлуката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот