луксузниот ресорт „Кастиљон дел Боско“ - Фото: Инстаграм/ rosewoodcastigliondelbosco

Избран најдобриот хотел во Европа за 2026 година — луксуз среде тосканските лозја

Угледниот магазин „Травел + Лежр“ ја објави годишната листа на најдобрите хотели во светот за 2026 година, а титулата за најдобар хотел во Европа му припадна на луксузниот ресорт „Кастиљон дел Боско“, сместен во италијанската Тоскана, пренесува „Еуроњуз“.

Хотелот, кој работи во рамките на хотелскиот синџир „Роузвуд“, се наоѓа на имот стар речиси 900 години. Во изборот, во кој учествувале повеќе од 207.000 читатели, освоил извонредна оценка од 99,58 од можни 100 поени.

Луксуз опкружен со лозја

„Кастиљон дел Боско“ е сместен на имот од околу 2.000 хектари во срцето на Тоскана, во близина на гратчето Монталчино.

Ресортот располага со 42 луксузни апартмани и 11 приватни вили, а на гостите им нуди и единствен приватен голф-клуб во Италија, како и сопствена винарија, позната по производството на виното „Брунело ди Монталчино“, кое важи за едно од најценетите италијански вина.

Приватните вили имаат сопствени базени, додека од главниот бесконечен базен се отвора панорамски поглед кон Монталчино и долината Вал д’Орча, која е впишана на Списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Врвна гастрономија

Посебно внимание привлекува и гастрономската понуда. Во рамките на ресортот работи ресторанот „Кампо дел Драго“, носител на две Мишлен ѕвезди, кој подготвува јадења исклучиво од локални тоскански производи.

На располагање на гостите се и традиционалната гостилница „Остерија Ла Каноника“, како и бар покрај базенот.

Најдобриот хотел во светот е во Јапонија

Додека „Кастиљон дел Боско“ е прогласен за најдобар хотел во Европа, титулата најдобар хотел во светот годинава му припадна на хотелот „Патина Осака“ во Јапонија.

Хотелот се издвојува со поглед кон замокот Осака и велнес-центар кој се простира на површина од 1.400 квадратни метри.

Само 12 европски хотели меѓу 100-те најдобри во светот

На овогодишната листа на 100 најдобри хотели во светот се најдоа само 12 европски хотели.

Второто место во Европа го освои „Сикс Сенсес Кранс-Монтана“ во Швајцарија, кој нуди поглед кон планинските врвови Матерхорн и Монблан, директен пристап до скијачките патеки и модерен велнес-центар со покривен базен, сауни, хидромасажни базени и простории за јога.

Третото место му припадна на хотелот „Ил Серено Лаго ди Комо“, сместен на брегот на езерото Комо во Италија. Хотелот е препознатлив по приватното пристаниште, бесконечниот базен што се надвиснува над езерото и ресторанот награден со Мишленова ѕвезда.

На четвртото место се најде „Роузвуд Вила Мања“ во Мадрид, луксузен хотел со четири ресторани и еден од најпознатите велнес-центри во шпанската престолнина.

Првите пет ги заокружува „Гранд хотел Ексцелзиор Виторија“ во Соренто, изграден на карпа над Неаполскиот Залив, со поглед кон вулканот Везув и во непосредна близина на Капри, Помпеја и Неапол.

Најдобрите хотели во Европа според изборот на „Травел + Лежр“

1. Кастиљон дел Боско – Монталчино, Италија
2. Сикс Сенсес Кранс-Монтана – Швајцарија
3. Ил Серено Лаго ди Комо – Торно, Италија
4. Роузвуд Вила Мања – Мадрид, Шпанија
5. Гранд хотел Ексцелзиор Виторија – Соренто, Италија
6. Мандарин Ориентал – Париз, Франција
7. Колеџо ала Кверче, „Оберж ризортс колекшн“ – Фиренца, Италија
8. Стафорд – Лондон, Обединето Кралство
9. Доли кај Акропол – Атина, Грција
10. Канавес Епитом – Санторини, Грција
11. Риц-Карлтон – Истанбул, Турција
12. Ле Бристол – Париз, Франција

Објавена листата на најсреќни градови во светот за 2026 година — Македонија повторно без претставник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот