на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

На денешен ден – 10 јули: Роден е Камиј Писаро, француски сликар, еден од главните претставници на импресионизмот, кој изврши големо влијание врз европското сликарство

138.- Умре римскиот цар Публиј Еилиј Адријан, кој по доаѓањето на престолот во 117 година откако увиде дека Римското царство слабее и се одрекува од освојување, ги утврди границите во Германија и во Британија. Беше голем почитувач на грчката култура и покровител на уметноста, пишуваше стихови, вајаше и сликаше.

1509.- Роден е Жан Калвин, верски реформатор, основач на калвинистичката протестантска црква. Следбениците на Калвиновото учење беа хаугенотите, а во Англија пуританците. Умре во Женева, на 27 мај 1564 година.

1559.- Умре францускиот крал Анри Втори, татко на тројцата кралеви Франсоа Втори, Шарл Деветти и Анри Трети. Во текот на владеењето од 1547 година, како изразит римокатолик, со поддршка на сопругата Катерина де Медичи, го почна систематското прогонување на Хугенотите (француските калвинисти), со што во 1562 година ги предизвика верските војни кои цели 36 години ја потресуваа Франција.

1774.- По шестогодишната војна меѓу Русија и Османлиското царство склучен е Кучук-канарџискиот мир со кој на Русија и е признаено правото да ги штити христијаните и нивните установи во Турција, да има дипломатски претставници во турката влада, како и да отвори трговски конзулати во турските градови. Русија ја доби и тврдината Кинбурн на устието на Дњепар и Црно Море, Керч и Кеникал на Крим и слободна пловидба на трговските бродови во Дунав и Црно Море.

1830.- Роден е Камиј Писаро, француски сликар, еден од главните претставници на импресионизмот, кој изврши големо влијание врз европското сликарство. Најмногу сликаше предели и улици. Умре во Париз, на 13 ноември 1903 година.

1834.- Роден е Јан Неруда, чешки писател и публицист, најистакната личност во чешкиот културен живот во втората половина на 19 век. Најпознати негови дела се „Малострански раскази“, „Арабеска“, „Прости мотиви“, „Балада и романси“ и други. Умре во 1891 година.

1851.- Роден е францускиот сликар Луј Жак Манде Дегар, пронаоѓач на „дагеротипијата“. Неговиот пронајдок ја овозможи изработката на првите типови фотографии.

1856.- Во селото Смиљан, Госпиќ, роден е Никола Тесла, генијален истражувач и пронаоѓач на полето на електриката и радиотехниката. Умре во Њујорк, на 7 јануари 1943 година.

1871.- Во Париз е роден Марсел Пруст, француски писател и академик. Автор е на големиот циклус романи. Умре во Париз, на 2 ноември 1922 година.

1895.- Роден е германскиот композитор Карл Орл, автор на сценската кантата „Кармина Бурана“. Напиша „Музика за деца“, наменета за музичко образование на деца.

1940.- Со нападот на најмалку 70 германски бомбардери врз цели во јужен Велс, почна Битката за Британија во Втората светска војна.

1941.- Во Лос Анџелес умре Џели Рол Мортон, роден како Фердинанд Ла Мент, американски џез-музичар. Роден е во 1885 година.

1962.- САД го лансираа телекомуникацискиот сателит за пренос на телевизиските програми од САД во Европа.

1973.- Бахамските Острови стекнаа независност по тривековно британско колонијално владеење.

1991.- Борис Елцин ја презеде должноста претседател на Русија како прв шеф на државата кој стана претседател со победа на избори.

1998.- Во Скопје умре Атанас Близнакоф, основач на Фондот „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, прв од ваков вид на Универзитетот, од кој се стипендираат студенти кои покажуваат особени резултати во студиите. Роден е во село Д`мбени, Костурско, Егејска Македонија, на 15 декември 1901 година.

2001.- Во Скопје умре Иван Дејанов, македонски академик, основач на трансфузиологијата и имунологијата во Македонија. Роден е во Ќустендил, на 6 јануари 1931 година.

2006.- Загина чеченскиот терорист Шамил Басаев. Тој и низа други терористи убиени се од страна на руските сили за безбедност, во операција во Ингушија додека подготвуваа терористички акти во кавказката област.

2006.- Полскиот претседател Лех Качињски го именува својот брат – близнак Јарослав Качињски за претседател на владата. Ова е единствен случај во историјата на демократските општества.

2014.- Хеликоптерот МИ 17 на МВР се урнал околу 22 часот удирајќи во антенски столб околу индустриската зона кај Струмица. Хеликоптерот летал на релацијата Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно. Во несреќата загинале Драги Мицев, Маријан Трајковиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот