Роб Рајнер- Фото: EPA/WARREN TODA

Неколку месеци по трагичната смрт, Роб Рајнер постхумно номиниран за наградата „Еми“

Легендарниот американски режисер и актер Роб Рајнер постхумно е номиниран за наградата „Еми“, неколку месеци по неговата трагична смрт. Тој е номиниран во категоријата за најдобар гостин-актер во хумористична серија за улогата во серијата „Мечката“ (The Bear), пишува „Лед бајбл“.

Рајнер се појави во три епизоди од четвртата сезона, во кои го толкуваше Алберт Шнур, консултант за ресторани што му станува ментор на готвачот Ебра, лик што го игра Едвин Ли Гибсон.

Во последната епизода од сезоната, емитувана кон крајот на јуни, авторите му оддадоа почит на Рајнер преку репликата „Како што посакуваш“, една од најпознатите реченици од култниот филм „Принцезата невеста“ (The Princess Bride), што тој го режираше во осумдесеттите години.

Во интервју за списанието „Пипл“ минатата година, Рајнер откри дека токму холивудската актерка Џејми Ли Кертис го убедила да ја прифати улогата во популарната серија.

„Ми кажа дека и самата играла во претходните сезони, а кога ме побараа да се приклучам, се двоумев. Таа ми рече: „Мораш да го направиш тоа! Навистина е забавно!““, изјавил Рајнер.

Тој тогаш додал: „Навистина уживав. Сакам да глумам затоа што нема притисок. Само доаѓаш, си ја завршуваш работата и тоа е.“

Ова е осма номинација за „Еми“ во неговата кариера и прва актерска номинација по 1978 година, кога беше номиниран за споредната улога во серијата „Сите во семејството“.

Покрај актерската кариера, Рајнер остави длабока трага како режисер на филмовите „Застани покрај мене“, „Кога Хари ја запозна Сали“ и „Принцезата невеста“, а беше успешен и како продуцент. Во 2024 година доби номинации за „Еми“ и за режија и за продукција на документарниот филм „Алберт Брукс: Во одбрана на мојот живот“.

Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел беа пронајдени мртви во нивниот дом во Брентвуд, во Калифорнија, во декември 2025 година. Семејството тогаш соопшти дека со голема тага ја потврдува нивната смрт и побара приватност во исклучително тешкиот период.

Нивниот 32-годишен син Ник подоцна беше уапсен и обвинет по две точки за убиство од прв степен. Два месеца по апсењето се изјасни дека не е виновен, а прелиминарното судско рочиште е закажано за септември годинава.

Во април нивниот друг син, Џејк Рајнер, во емотивна објава напиша дека семејството за една ноќ изгубило „повеќе од половина од своите членови“.

„Таа ноќ изгубивме повеќе од половина од нашето семејство на најнасилен можен начин“, напиша тој.

„Ништо не може да ве подготви за чувството кога ќе ги изгубите двајцата родители во ист миг. Секоја загуба на родител е разорна, но ништо не може да се спореди со тоа да ги изгубите и двајцата одеднаш, а притоа вашиот брат да биде во средиштето на сето тоа. Речиси е невозможно да се сфати и прифати.“

Режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга пронајдени мртви, полицијата истражува двојно убиство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот