Роб Рајнер со сопругата Мишел Сингер / Фото: Profimedia

Режисерот Роб Рајнер и неговата сопруга пронајдени мртви, полицијата истражува двојно убиство

Американскиот режисер Роб Рајнер, автор на некои од највлијателните филмови во современата холивудска историја, е пронајден мртов во неделата попладне во неговиот дом во Брентвуд, Лос Анџелес, заедно со сопругата Мишел Сингер. Тој беше на возраст од 78 години, пишува „Дедлајн“.

Како што соопшти Полициската управа на Лос Анџелес, смртните случаи се истражуваат како убиство, а според првичните информации, брачниот пар бил избоден до смрт.

„Со длабока тага ја соопштуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Скршени сме од оваа ненадејна загуба и молиме за приватност во ова исклучително тешко време“, соопшти неговото семејство.

Рајнер зад себе остави богата и разновидна кариера, започната како актер во култната телевизиска серија „Сѐ во семејството“ (All in the Family), каде што девет сезони го толкуваше ликот на Мајкл „Митхед“ Стивик. За таа улога освои две награди Еми за најдобра споредна машка улога во комедија, во 1974 и 1978 година.

Како режисер, Рајнер се вбројува меѓу најзначајните автори на 80-тите и 90-тите години. Неговиот режисерски пробив дојде со музичката сатира „Ова е ‘Спинал тап’“ (This Is Spinal Tap, 1984), импровизирана лажна документарна приказна за хеви-метал бенд, која подоцна доби култен статус. Неговиот последен филм беше продолжението „’Спинал тап’ 2: Крајот продолжува“ (Spinal Tap II: The End Continues).

Во наредната деценија следуваа низа големи хитови и омилени филмови кај публиката, меѓу кои „Остани покрај мене“ (Stand By Me, 1986), „Принцезата невеста“ (The Princess Bride, 1987) ,„Кога Хари ја запозна Сали“ (When Harry Met Sally…, 1989), „Неколку добри луѓе“ (A Few Good Men, 1992) итн.

Од 1987 година, Рајнер беше и продуцент на повеќето свои филмови и коосновач на продукциската куќа „Касл рок ентертејмент“, која стои зад низа успешни остварувања како „Во линија на оган“ (In the Line of Fire), „Потребни нешта“ (Needful Things) и „Злоба“ (Malice).

Иако во подоцнежните години неговите режисерски проекти поретко доживуваа комерцијален успех, меѓу нив се издвојуваат „Листата со желби“ (The Bucket List, 2007), „Духовите на Мисисипи“ (Ghosts of Mississippi, 1996), „Ел-би-џи“ (LBJ, 2016) и „Шок и страв“ (Shock and Awe, 2017). Во 2023 година го режираше документарецот „Алберт Брукс: одбрана на мојот живот“ (Albert Brooks: Defending My Life).

Рајнер беше познат и како истакнат прогресивен глас во Холивуд, отворен поддржувач на Демократската партија и гласен критичар на Доналд Трамп. Активно учествуваше во политички и општествени иницијативи, особено во борбата за граѓански права и против тутунската индустрија.

Роден е на 6 март 1947 година во Бронкс, Њујорк, како син на легендарниот комичар и автор Карл Рајнер. Студирал на Филмската школа при Универзитетот во Калифорнија и уште рано започнал со мали улоги во телевизиски серии, пред да стане едно од најпрепознатливите имиња на американската филмска сцена.

Зад себе ги остави децата Џејк, Ник и Роми, како и посвоената ќерка Трејси Рајнер, актерка и ќерка од првиот брак со покојната актерка и режисерка Пени Маршал.

Истрагата за смртта на Роб Рајнер и неговата сопруга е во тек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот