ФОТО+ВИДЕО | Првата јавна статуа во светот посветена на жена со неизлечив рак на дојка, ја раскажува приказната на Сесили
Во срцето на норвешката престолнина, пред плоштадот Спикерсупа во Осло, е поставена бронзената статуа „Сесили“, посветена на жените кои живеат со метастатски рак на дојка – група пациенти која, според иницијаторите на проектот, често останува во сенка на приказните за преживување.
Препорачано
Статуата е изработена според ликот на Сесили Флатвал, мајка на три деца, на која на 42-годишна возраст ѝ бил дијагностициран метастатски рак на дојка. Таа почина во април 2023 година, но успеа да го доживее создавањето на споменикот, како и документарниот филм и книгата што го раскажуваат нејзиниот живот.
За Сесили, статуата не требало да биде само лично сведоштво, туку место каде луѓето ќе можат да разговараат за болеста, загубата и смртта – теми за кои, според неа, премалку се зборува.
„Зборувајте за смртта. Рано“, беше нејзината порака.
Таа сметала дека смртта е природен дел од животот и дека токму отворениот разговор може да помогне да се намали стравот од неа.
„Сите ќе умреме еден ден. Да ја нормализираме смртта“, порача Сесили.
Таа објаснила дека прифатила да биде овековечена во бронза за да ја направи повидлива заедницата на луѓе што живеат со метастатски рак на дојка.
„Зад оваа статуа стојат жени од сите возрасти, со различни семејни приказни, етничка припадност и општествено потекло. Ние сме многу повеќе од една група пациенти. Тоа е можеби најважниот дел од оваа статуа“, истакнала таа.
Сесили зборувала и за своите три деца, признавајќи дека најмногу сакала да биде покрај нив кога ќе ѝ бидат потребни, но и дека болеста ја натерала да се соочи со можноста дека нема секогаш да биде таму за да им каже дека сè ќе биде во ред.
Автор на скулптурата е норвешкиот вајар Хокон Антон Фагерас, кој нагласил дека неговата цел не била да прикаже жртва или драматична слика на болеста, туку силата со која Сесили се соочувала со неа.
„Не сакав да создадам жртва или трагична фигура. Сакав да покажам жена која се бори со волја, виталност и смиреност. Нејзиното држење на телото зрачи со сила и храброст. Во таа храброст има надеж“, изјавил уметникот.
Статуата е поставена на една од најпрометните локации во Осло, меѓу Кралската палата и Парламентот, каде секојдневно минуваат илјадници луѓе. Намерата е темите за тешката болест, неизлечивите состојби и смртта да станат дел од секојдневниот јавен простор, поттикнувајќи размислување, разговор и поголемо разбирање за луѓето кои живеат со метастатски рак на дојка.


