Фото: Profimedia

Скрининзите за рак на дојка и на грло од матка немаат доволно ефект за да ги намалат смртните случаи, утврдија ревизорите

Опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4%, додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг.

„Кај над 80% од пациентките со рак, лекувањето започнува во подоцнежни стадиуми“, забележува Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој објави нов извештај на тема „Програми за рана детекција на малигни заболувања“. Ревизијата покажува дека иако долго време се спроведуваат и има напредок во програмите за скрининг, во услови на ограничени буџети, тие сè уште недоволно ја покриваат целната популација, ниту пак обезбедуваат навремена дијагностика, што значи дека немаат забележителен системски придонес за рано откривање на малигните заболувања, како и за намалување на морталитетот.

ДЗР ги следеле програмите за скрининг на рак на грло на матка кој се спроведува по пат на ПАП тестови кај жени на возраст од 21 до 59 години во тригодишен циклус, како и програмите за скриниг на рак на дојка, кои пак се прават со мамографски прегледи на жени меѓу 40 и 69 години во двегодишен циклус. Ревизијата е во период од 2021 до 2024 година, а одредени прашања и настани се опфатени пред и по овој период.

„Програмите за скрининг се донесуваат на годишна основа, без воспоставена долгорочна стратешка рамка, која би обезбедила континуитет и стабилност во дефинирањето на целната популација, опфатот и интервалите за скрининг, како и долгорочно планирање на потребните ресурси и капацитети. Во анализираниот период се забележуваат промени во содржината на програмите, во опфатот и во поставените приоритети, кои не се секогаш засновани на анализи на капацитетите и очекуваните здравствени ефекти, што ја отежнува оценката на оправданоста и ефективноста на преземените мерки“, посочуваат ревизорите.

Извор: ДЗР

Според ревизорите, финансиското планирање се врши во рамки на ограничени буџетски средства на годишно ниво, без јасна врска помеѓу ресурсите, планираниот опфат и очекуваните резултати.

„Скрининг програмите се реализираат континуирано, но опфатот на целната популација е ограничен и не обезбедува значајни популациски ефекти. Анализата покажува дека опфатот на скринингот на рак на дојка се движи од 0,8% до 5,4%, додека кај скринингот на рак на грло на матка од 10,3% до 15,5% од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг. Овие податоци упатуваат дека со постојниот опфат не може да се очекува доволен ефект во раното откривање на болеста“, нагласуваат ревизорите.

Извор: ДЗР

Одзивот на поканетите жени не може целосно да се оцени поради недостиг на целосни податоци за бројот на испратени покани и бројот на жени кои се одзвале на скринингот. Информациските системи не овозможуваат систематско следење. Дополнително, велат оттаму, промотивните активности не се спроведуваат континуирано и со доволен обем, што влијае врз информираноста и мотивацијата на жените да учествуваат во скрининг програмите.

„Во однос на навременоста и квалитетот на дијагностиката, не се утврдени временски рокови од реализирање на скрининг до издавање на резултатите, ниту протоколи за известување на жените. Кај мамографскиот скрининг резултатите во просек се издаваат по околу 25 дена, а кај значителен број жени и по повеќе од 60 дена, додека кај скринингот за рак на грло на матка, дел од примероците за ПАП тестови се анализираат со значително доцнење“, се дел од заклучоците на ДЗР.

Понатамошното постапување по скрининг за рак на дојка, особено кај жените со сомнителни или позитивни наоди, во значителен дел е поврзано со работата на Кабинетите за дојка, кои претставуваат важна алка во дијагностичкиот и терапевтскиот процес. Сепак, посочуваат оттаму, во дел од јавните здравствени установи има ограничени кадровски и организациски капацитети, кои влијаат врз динамиката на закажувањето, како и врз реализација на дополнителните дијагностички постапки и третман.

„Зголемениот обем на активности поврзани со скринингот во одредени случаи влијае врз достапноста на редовните дијагностички и контролни прегледи во радиолошките оддели, при што во дел од јавните здравствени установи е евидентирано намалување на бројот на редовни термини“, забележуваат ревизорите.

Штедењето чини животи – само 10 проценти од жените прават скрининг за рак на грлото на матката

Понатаму, нецелосно се следат пациентките од моментот на скрининг до дополнителната дијагностика и третман. Информациите за понатамошното постапување не се систематски поврзани со податоците од скринингот, при што, како што велат, е евидентно „губење“ на пациентки кои го продолжуваат лекувањето во приватниот сектор. Ова, ограничува да се даде целосна оценка за тоа колку се ефективни скрининг програмите.

„Податоците од здравствените институции покажуваат дека 80% од пациентките со рак започнуваат лекување во подоцнежни стадиуми на болеста, што упатува дека најголемиот дел од случаите не се откриваат во рана фаза како очекуван резултат од организиран скрининг“, посочува ДЗР.

Истовремено, нема комплетни и усогласени податоците на официјалните институции за бројот на случаи и смртни исходи. Податоците од Регистарот за рак покажуваат дека бројот на случаи откриени преку скрининг е релативно низок, особено кај рак на дојка, што според ревизорите укажува на ограничен ефект на програмите.

Извор: Државен завод за ревизија

Не е воспоставена сеопфатна нормативна и стратешка рамка за организиран скрининг која јасно ги дефинира улогите и одговорностите на вклучените институции, што влијае врз координацијата и континуитетот во спроведувањето на скрининг програмите. Недостатокот и нерамномерната распределба на кадар, особено во радиологијата, цитологијата и патологијата, претставува ризик за континуирано и квалитетно спроведување на скрининг услугите“, нагласуваат оттаму.

Воедно, дијагностичката опрема и инфраструктурата не се рамномерно распределени, а информациските системи не обезбедуваат целосна поврзаност и размена на податоци, што повторно го отежнува управувањето со скринингот, но и систематското следење на резултатите од програмите.

„За надминување на наведените состојби дадовме препораки насочени кон отстранување на причините за утврдените состојби и создавање услови за спроведување на ефикасен организиран скрининг и тоа: воспоставување соодветна нормативна рамка за организиран скрининг, стандарден сет на цели и индикатори, јасни и транспарентни модели на финансиско надоместување, спроведување континуирани и системски промотивни активности и воспоставување интегриран информациски систем“, констатираат од Државниот завод за ревизија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот