profimedia

Штедењето чини животи – само 10 проценти од жените прават скрининг за рак на грлото на матката

Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а помеѓу 40 и 60 жени го губат животот од оваа болест. Алармантен е податокот дека во 2024 година со организираниот скрининг биле опфатени само околу 10 проценти од целната група жени, далеку под минимално потребниот праг за ефикасна превенција, велат одЗдружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

По повод 4 Февруари – Светскиот ден за борба против ракот, кој годинава се одбележува под мотото „Обединети во нашата уникатност“, ја истакнуваме потребата здравствениот систем да ги стави луѓето и нивните реални потреби во центарот на здравствената заштита, со посебен фокус на жените и ранливите групи. Анализите и искуствата од терен покажуваат дека превентивната здравствена заштита не е приоритет во здравствените политики. Буџетот за превентивни програми со години стагнира и не го следи растот на трошоците и инфлацијата – во 2025 година изнесуваше 672,5 милиони денари, а за 2026 година се планирани 677 милиони денари. Истовремено, за скрининг на малигни заболувања се издвојуваат само 23 милиони денари годишно, сума што останува непроменета со години и треба да опфати четири различни малигни заболувања. Особено загрижува состојбата со скринингот за рак на грлото на матката. Програмата, воведена уште во 2012 година, располага со само 11 милиони денари годишно, што не овозможува соодветен опфат и квалитет. Недостигот од гинеколози во околу 40 општини, ограниченото функционирање на мобилната гинеколошка амбуланта и административните бариери дополнително го отежнуваат пристапот на жените до навремена превенција, истакнаа од ЕСЕ.

Оттаму додаваат дека додека повеќе земји од Европската Унија се приближуваат кон елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем, кај нас ова заболување и понатаму одзема животи кои можат да се спасат.

Ефикасен и соодветно финансиран скрининг, заедно со висок опфат со ХПВ вакцинација кај девојчињата и момчињата, се клучни мерки за спречување на овие поразителни статистики.

Затоа, ја повикуваме Владата и Министерството за здравство итно да ја зголемат финансиската поддршка за скринингот на рак на грлото на матката на најмалку 35 милиони денари годишно, да обезбедат подобра достапност до гинеколошки услуги, да ја зајакнат ХПВ вакцинацијата и да инвестираат во континуирани и сеопфатни здравствени едукативни кампањи. Превенцијата спасува животи. Вложувањето во рана детекција не е трошок, туку инвестиција – и во здравјето на жените и ранливите групи, и во одржливоста на целиот здравствен систем, велат од здружението.

 

Работата на полето на унапредување на скринигот на ракот на грлото на матката е спроведено во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“. Проектот го спроведуваат партнерските организации  ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Здружение Иницијатива за правата на жените од ШутоОризари, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивикамобилитас.

Линк до публикацијата со наодите на граѓанските организации

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот