Која е разликата помеѓу емоционално изневерување и блиско пријателство?
Повеќето од нас ќе се согласат дека физичкото неверство е погрешно. Но кога станува збор за емоционалното неверство, мислењата често се поделени. Бидејќи нема физички чин на изневерување, некои луѓе ќе го сметаат за безначајно, додека други ќе го обвинат својот партнер дека е љубоморен, несигурен или претерано драматичен ако го изрази своето чувство на непријатност.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како и да е, емоционалното неверство може да биде исклучително болно и да нанесе сериозна штета на врската, пишува „Вајс“.
Што е емоционално неверство?
Емоционалното неверство е една од најболните форми на романтично предавство, бидејќи подразбира воспоставување длабока емоционална поврзаност со друго лице надвор од партнерската врска.
За разлика од физичкото неверство, кое е многу полесно препознатливо, емоционалното неверство може да изгледа различно за секој поединец.
– Емоционалното неверство го дефинирам како врска или емоционална поврзаност со друго лице што ги нарушува границите поставени во партнерската врска. Што точно ќе се смета за емоционално неверство зависи од секој пар посебно. Токму затоа е исклучително важно партнерите јасно да ги дефинираат своите очекувања и граници – дури и оние што на прв поглед изгледаат очигледни – рекла Габи Џимерсон, брачен и семеен терапевт и сертифициран сексотерапевт.
На пример, некои луѓе ќе се чувствуваат непријатно ако нивниот партнер има блиска пријателка или пријател од спротивниот пол кому му се доверува за лични работи, додека други тоа ќе го сметаат за сосема здрав однос.
Исто така, некој може да смета дека лајкувањето фотографија во бикини или селфи од теретана без маица претставува емоционално неверство, додека друг ќе го доживее како нешто сосема безначајно. Сè зависи од границите што вие и вашиот партнер сте ги воспоставиле во вашата врска.
Емоционално неверство наспроти платонска поврзаност
Многумина ја мешаат платонската блискост со емоционалното неверство, бидејќи меѓу нив постои многу тенка граница. Секако, и тоа зависи од правилата и границите што важат во конкретната врска. Можно е вие и вашиот партнер да немате ништо против секој од вас да има блиски пријатели од спротивниот пол со кои води искрени и длабоки разговори. Сепак, пресудни се и намерата и последиците од таквата поврзаност.
– Според моето искуство, емоционалното неверство не се случува преку ноќ. Најчесто започнува како сосема невина поврзаност со колега од работа или со друг родител што секојдневно го среќавате кога ги носите децата на училиште. Но, со текот на времето разговорите стануваат сè почести и поинтимни, а неретко преминуваат во споделување доверливи детали за сопствената врска или жалење на сметка на партнерот – изјавил анонимен соговорник.
Таквите односи стануваат несоодветни кога во нив ќе се појават криење, лаги и непочитување.
– Еден од најголемите предупредувачки знаци што ги забележувам како терапевт е кога некој почнува да премолчува детали за разговорите или средбите со друго лице за да избегне расправија со партнерот. Тоа ми укажува дека личноста почнува да дозволува друга врска да ги задоволува нејзините емоционални потреби, наместо да ги води тешките, но неопходни разговори со сопствениот партнер – открил друг соговорник.
Како настанува емоционалното неверство?
За жал, емоционалното неверство е честа појава и честопати се потценува. Во многу случаи, лицето што емоционално изневерува не започнува со намера да го предаде својот партнер или да развие несоодветен однос со друго лице.
Но бидејќи границите кај емоционалното неверство не се толку јасни како кај физичкото, некои луѓе постепено влегуваат во таква динамика без воопшто да сфатат што се случува.
– Не мислам дека просечниот човек свесно има намера да изврши емоционално неверство. Почесто се случува врската постепено да ослабува, партнерите да се оддалечуваат еден од друг, а срцето природно да почне да бара поврзаност на друго место. Долготрајните нерешени конфликти, неспособноста да се одговори на секојдневните обиди на партнерот за блискост, како и недостигот од благодарност, внимание и нежност, постепено го нарушуваат чувството дека сте разбрани, ценети и сакани од личноста со која сте во врска. Кога некој повеќе не се чувствува емоционално виден и прифатен од својот партнер, станува многу поподложен да ја побара таа поврзаност на друго место – рекол соговорникот.
Секако, тоа не го оправдува емоционалното неверство. Доколку чувствувате незадоволство или дека нешто недостасува во врската, важно е отворено да разговарате со партнерот за вашите чувства. Така ќе имате можност заеднички да работите на обновување на вашата блискост или, доколку тоа не е можно, достоинствено да се разделите.
Неверството никогаш нема да ја пополни емоционалната празнина што ја чувствувате – напротив, ќе им нанесе болка на сите што се вклучени.


