Објавена листата на најсреќни градови во светот за 2026 година — Македонија повторно без претставник
Објавено е истражувањето „Индекс на среќни градови“ (Happy City Index) за 2026 година, кое опфаќа 251 град од светот и ги рангира според вкупниот број бодови освоени во шест области: граѓани, управување, животна средина, економија, здравство и мобилност.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Шестото издание на „Индексот на среќни градови“ беше официјално претставено во Парламентот на Обединетото Кралство во Лондон, како завршница на најголемото светско истражување за урбан развој засновано на учество на заедниците. Настанот беше организиран со поддршка на пратеничката Розена Алин-Кан, која долги години се залага за одржлив урбан развој и подобрување на благосостојбата на граѓаните.
Истражувањето опфаќа 64 показатели распределени во шест клучни категории и ги издвојува градовите што најуспешно ги комбинираат квалитетот на живот, одржливоста и долгорочните развојни стратегии. Во рамки на годинашното издание е претставена и новата „Алијанса на среќни градови“, чија цел е следење на напредокот на градовите и поттикнување на размена на искуства и добри практики.
„Алијансата на среќни градови“ е замислена како платформа за дијалог, соработка и учење меѓу градовите кои покажуваат посветеност кон благосостојбата на жителите и одржливиот урбан развој.
Годинашното издание вклучува и симболичен чин на солидарност. Иако официјалната ранг-листа опфаќа 250 градови, 251-то место му е доделено на Киев без бодување и без споредба со останатите, како знак на почит кон напорите на украинските локални власти во исклучително тешки услови.
Според резултатите, трите најсреќни градови во светот за 2026 година се Копенхаген, Хелсинки и Женева. Во првите десет места се најдоа и Упсала, Токио, Трондхајм, Берн, Малме, Минхен и Архус.
На листата на 250 најсреќни градови нема ниту еден град од Македонија.
Од регионот најдобро е рангирана Љубљана, која се наоѓа на 60-то место и претставува најголем успех меѓу државите од поранешна Југославија. Од хрватските градови на листата се најде Сплит, кој е рангиран на 183-то место.
Меѓу градовите од поширокото соседство се и унгарски Дебрецин на 191-то место, бугарските Бургас и Варна на 227-то и 238-то место, како и романскиот главен град Букурешт на 247-то место.
Првите десет градови на листата за 2026 година се:
1. Копенхаген (Данска) – 6954 бодови
2. Хелсинки (Финска) – 6919 бодови
3. Женева (Швајцарија) – 6882 бодови
4. Упсала (Шведска) – 6846 бодови
5. Токио (Јапонија) – 6788 бодови
6. Трондхајм (Норвешка) – 6755 бодови
7. Берн (Швајцарија) – 6746 бодови
8. Малме (Шведска) – 6705 бодови
9. Минхен (Германија) – 6691 бодови
10. Архус (Данска) – 6685 бодови.
На листата на 250 најсреќни градови во светот нема ниту еден град од Македонија, а без претставник останаа и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.
Отсуството на македонски градови од ова рангирање покажува дека земјата сè уште се соочува со предизвици во областите што директно влијаат врз квалитетот на животот, благосостојбата на граѓаните, урбаната одржливост и долгорочниот развој.


