Се подготвува музички спектакл и за полувремето од четвртфиналето на Светското првенство — еве кој ќе настапи
Се подготвува музички спектакл и за време на полувремето од четвртфиналниот натпревар помеѓу Англија и Норвешка. Со овој потег, ФИФА продолжува да воведува елементи од забавната програма што е вообичаена на големите американски спортски настани, како што е музичкиот спектакл што веќе е нјавен за финалето на првенството, пишува „Лад бајбл“.
Препорачано
Британската пејачка Ели Голдинг, позната по хитот „Love Me Like You Do“, ја потврди веста на својот инстаграм-профил дека ќе биде дел од спектаклот на полувремето.
Таа објави серија фотографии и напиша: „Настапот во четвртфиналето на натпреварот Англија – Норвешка ми дава чувство како сè да е можно“, алудирајќи на нејзиниот хит од 2012 година.
Таа додаде и порака за поддршка на англиската репрезентација: „Веќе знам дека момците ќе ја направат Англија горда. Трофејот се враќа дома“.
Ова е позната англиска навивачка фраза „It’s coming home“, која често се користи кога се зборува за можноста Англија да освои големо фудбалско натпреварување.
Инаку, ФИФА го подготвува најголемиот музички спектакл во историјата на финалето на Светското првенство. Програмата на стадионот во Њујорк се очекува да трае околу 11 минути, а идејата за таков формат ја иницираше фронтменот на „Колдплеј“, Крис Мартин, кој учествуваше во развојот на концептот.
Според претходните најави, на сцената се очекува да се појават големи светски ѕвезди како Џастин Бибер, Мадона, „БТС“ и Шакира. Со овој потег, ФИФА сака дополнително да го доближи фудбалот до публиката надвор од самиот спорт, по примерот на спектакуларните настапи за време на полувремето на Супербол во САД.


