Пропаднатиот пат кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Додека Општината бара трајно решение за Теферич, жителите се „отцепени“ од градот

Патот пропадна на 20 февруари годинава, а потоа дополнително се „распука“ на 24 март. Тогаш Градежниот факултет изготви експертски извештај и на Општина Кисела Вода ѝ издаде налог за итно дејствување и поклопување на пукнатините со цврсти материјали за да се спречи дополнително навлажнување на земјиштето, дефинирајќи го како активно и со потенцијал брзо да се прошири.

Пред повеќе од еден месец откако Општина Кисела Вода го доби извештајот за состојбата на пропаднатиот пат кон Теферич од Градежниот факултет, во кој јасно беше наведено дека е потребна итна реакција бидејќи има опасност од ново свлекување, коловозот е сѐ уште затворен и непрооден за возила, а на ова место нема никакви индиции дека за брзо ќе започне некаков проект за санирање на распуканиот асфалт и пропаднатото земјиште.

Пропаднатиот пат кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Патот веќе трет месец е затворен за сообраќај

Откако патот пропадна на 20 февруари годинава, долго време немаше никаква реакција ниту од Општината, ниту од Центарот за управување со кризи, и неговото свлекување беше проследено со една кратка посета од страна на градоначалниците на Сопиште и Кисела Вода, Јане Мицевски и Бети Стаменкоска Трајкоска.

„Заиграа“ метлите во Теферич, Кисела Вода и Сопиште заеднички го чистат просторот

Тогаш тие „ѕирнаа“ надолу кон процепот и се согласија дека свлечиштето е опасно и дека треба да се затвори, а оттогаш локалната самоуправа ниту еднаш се нема јавно огласено да извести за каков било прогрес околу поправањето на коловозот или презентирање на евентуалните решенија за овој проблем.

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и градоначалникот на Сопиште, Јане Мицевски вршат увид на патот кон Теферич

Потоа, еден месец од првото свлекување, на 24 март патот повторно се оштети, но овој пат расцепот беше огромен, неспоредлив со првичната непогода. Тогаш коловозот буквално се преполови, а едната страна од улицата, според увидот на Градежниот факултет, дополнително пропадна повеќе од половина метар, при што беше „проголтан“ и дел од рабникот.

Се подготвува извештај за Теферич, брзината на санацијата ќе зависи само од Општината

Тогаш Градежниот факултет ѝ издаде налог на Општина Кисела Вода за итно дејствување и затворање на пукнатините со цврсти материјали за да се спречи дополнително навлажнување на земјиштето, дефинирајќи го како активно и со потенцијал брзо да се прошири.

Улицата поврзува две општини, жителите се отцепени од градот

Патот кон Теферич е една од најважните сообраќајници во овој дел од Скопје, бидејќи ги поврзува општините Кисела Вода и Сопиште, а додека беше активен тој служеше како единствена алтернатива за жителите на Теферич, Припор, Сопиште и десетиците останати населени места во овој реон, кои преку оваа улица секојдневно се спуштаа надолу кон градот, бидејќи другата опција е улицата „Христо Татарчев“, која сега е презаситена од возила бидејќи е единствениот пат кон центарот на Скопје.

„Слободен печат“ разговараше со скопјанец што долги години живее во Теферич, а тој ни говореше како жителите се снаоѓаат во овој период кога патот не е во функција, земајќи предвид дека во последните седум години, патот беше затворан најмалку еднаш годишно.

– Јас во Теферич живеам веќе 12 години, а оттогаш четири или пет пати се има случено патот да се затвори поради тоа што несоодветно е обновен. На една локација од патот има натапкано земјиште, во изминатите години таму се обидуваа да направат видиковец за починка кој ќе има поглед кон градот, а во тој период постојано на патот, каде максималната дозволена тежина не може да биде повеќе од пет тона, се движеа 25-тонски камиони, натоварени со секаков шут и отпад. Од ден на ден, патот веројатно по малку се оштетувал, за на крај да пропадне пред локалните избори во 2025 година, кога беше поправен, но кратко потоа повторно пропадна – објаснува нашиот соговорник.

ЦУК уште во декември предупредил дека патот кон Теферич е опасен и има ризик за свлечиште

Тој вели дека откако е затворен патот, нема друга опција освен да оди преку Сопиште и Припор, при што, речиси секогаш заглавува на семафорите кај местото познато како „Мечкаров“.

– Мора да се земе предвид дека овој пат е меѓуопштински бидејќи го користат жителите на Сопиште и на Кисела Вода. Кога беше активна, оваа сообраќајница го олеснуваше сообраќајот и драстично го намалуваше метежот кон Центар и од градот кон Кисела Вода. Откако патот не е во функција, мораме да кружиме и со возилата да одиме преку Сопиште и Припор и преку бензинската кај „Мечкаров“, каде секојдневно се создаваат огромни колони од автомобили. Немаме друга алтернатива – изјави тој за „Слободен печат“.

Пропаднатиот пат кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Општината изготвува проект, но не го кажува последниот изведувач

Сепак, кога последно го обновија асфалтот во 2025 година, постапка за која нема јавно достапна информација, а беше во мандатот на тогашниот градоначалник на Кисела Вода и актуелен прв човек во Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, интересно е што за оваа реставрација Општината ниту еднаш не ни одговори кој бил изведувачот, како бил избран и колку ги чинело тоа жителите на Кисела Вода. За оваа реставрација нема јавно достапен тендер преку кој локалната самоуправа го ангажирала изведувачот.

При оваа „мистериозна“ обнова на патот во втората половина од 2025 година со нов асфалт што издржа помалку од шест месеци, соговорникот вели дека била отстранета и старата пешачка патека, долга 100-тина метри, но на нејзино место не ставиле нова и патот останал без простор за пешаците на кои оваа улица им била најбрз и најлесен начин да се спуштат кон градот. Оттогаш тие веќе немаат своја патека, а денес нема ни пат за автомобилите.

Експерти од Градежниот факултет бараат чаре за пропаднатиот пат кон Теферич

Од Општина Кисела Вода, прашани до каде е изработката на проектот за санација на патот со оглед на фактот дека уште пред повеќе од еден месец им беше доставен извештајот од експертите на Градежниот факултет, ни одговорија дека нема новости и дека проектот е сè уште во фаза на изработка, објаснувајќи дека овој процес е комплексен и бара специфичен и прецизен пристап.

– Врз основа на извештајот од извршениот стручен увид на експертскиот тим од Градежниот факултет, кој беше изготвен по барање на Општина Кисела Вода и во кој детално се разработени сите аспекти на овој проблем, во тек се активности за изработка на проект за санација. Овој процес претставува клучна и комплексна фаза која вклучува прецизни геомеханички мерења, неопходни поради специфичната конфигурација на земјиштето. Изготвувањето на техничката документација, како и сите останати чекори потребни за надминување на овој сериозен инфраструктурен предизвик, се предмет на постојана координација меѓу сите релевантни институции – брифираат од Општината за „Слободен печат“.

Пропаднатиот пат кон Теферич / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Тие додадоа дека постојано ја следат состојбата на терен и информираа дека патот ќе остане затворен за возила сè додека не се создадат услови за почеток на градежните активности, но не одговорија до кога може да се очекува изготвување на проектот за санација, дали имаат одредено рокови, точно кои институции се засегнати и работат на решавање на овој проблем.

ВИДЕО | Свлечиштето кај Теферич сè повеќе се проширува, патот е буквално преполовен

Останува да видиме дали конечно, по речиси една деценија на постојани „крпења“ и пропаѓања, Општината ќе успее да изнајде начин со кој трајно ќе го реши проблематичниот коловоз и ќе им го олесни секојдневното живеење на илјадниците граѓани се оставени без соодветен пристап до градот и се принудени да кружат, но и за пешаците, кои сега немаат тротоар по кој можат безбедно да се движат, а со трајното санирање на улицата, ќе се олесни и сообраќајниот метеж во Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот