Mост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

ФОТО+ВИДЕО | Завршена експропријацијата во Ќерамидница, „рибарскиот мост“ за два месеци треба да се отвори за сообраќај

Изградбата на овој мост започна уште во февруари 2019 година во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, и беше речиси готов во 2021 година, кога се појавија првите пречки околу екпропријацијата на имотите без која не може да се отвори патот низ Ќерамидница, по што целосно запреа активностите.

По околу пет години застој, одложувања и нерешени административни пречки околу експропријацијата на објекти, конечно започнуваат да се придвижуваат работите и да се отвора патот кон реализација и целосно пуштање на употреба на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.

Mост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

Ова следи откако градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вчера информираше дека се завршени сите процеси на експропријација на имотите во Ќерамидница, со што, како што вели тој, се откочуваат работите за мостот зад Спортската сала „Јане Сандански“ и во наредните 60 дена треба да се воспостави целосен сообраќаен проток.

„По завршувањето на подготвителните активности, средувањето на документацијата и преселувањето на жителите од објектите на трасата, се очекува во рок од 60 дена да се воспостави целосен сообраќаен проток“, информираше Ѓорѓиевски.

Mост „Генерал Михајло Апостолски“ / Фото: Град Скопје

Тој посебно им се заблагодари на жителите на Ќерамидница кои ги потпишале последните договори за експропријација на нивниот имот, со што, како што вели Ѓорѓиевски, помогнале да се реши овој огромен проблем.

„Искрено и од срце сакам да им се заблагодарам на овие домаќини, културни и чесни луѓе, со кои пуштивме рака за овој проблем да стане решение. Благодарам за домаќинскиот пристап и за разбирањето“, вели градоначалникот.

Шилегов ја почна, Арсовска не ја доврши експропријацијата

Изградбата на овој мост започна уште во февруари 2019 година во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, и беше речиси готов во 2021 година, кога се појавија првите пречки околу екпропријацијата на имотите без која не може да се отвори патот низ Ќерамидница, по што целосно запреа активностите.

Шилегов: Есенва ќе се гради мостот за поврзување на Аеродром со Ќерамидница

Како што соопшти тогашниот градоначалник, новиот мост преку Вардар е долг 120 метри и првичниот проект предвидуваше и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од нешто над 2.1 километри, шест коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди, а веројатно со овој нов коридор во градот ќе се отворат и нови автобуски линии на ЈСП-Скопје.

Откако Шилегов не доби втор мандат во 2021 година, неговата наследничка Данела Арсовска даде рок за пуштање на мостот во употреба до април 2022 година, а патот низ Керамидница ќе биде пробиен до крајот на година, но повторно не можеше да се експроприраат објектите и мостот им остана на рибарите, по што го доби и описот „мост за ловење риба“.

Арсовска: Сите зафати на мостот на булевар АСНОМ ќе завршат до 10 април

Првичниот проект предвидува и нов булевар

Освен мостот, овој проект предвидува и пробивање на булевар на потег од објектот на поранешен „Пролетер“ во Керамидница па се до крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ кај трговскиот центар „Ист Гејт“, поранешно Сајмиште.

Доколку се продолжи по овој проект, сега со решената експропријација, Градот конечно ќе може да им го реши деценискиот проблем на жителитен на скопјани, особено оние од Гази Баба и Аеродром, за кои досега единствениот начин да преминат од едната до другата страна е преку мостот „Близнак“, а поради отсуство на алтернатива, на овој мост секојдневно и без исклучок се создаваат огромни колони возила и сериозен метеж кој го „затнува“ сообраќајот.

Жителите на Аеродром и на Гази Баба ќе се поврзат со нов мост и булевар

Со изградбата на овој мост и со пробивањето на новиот коридор низ Керамидница, ќе отвори побрз проток од Аеродром кон Гази Баба и Центар за автомобилите, јавниот превоз, велосипедите и пешаците. Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.

Дел од експропријациите се на суд

Сепак, на последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот зборувајќи за сите активни проекти што се изведуваат низ главниот град, говореше и за мостот „Генерал Михајло Апостолски“, конкретно за проблемот со експропријацијата.

Мостовите што не водат никаде сѐ уште залудно „висат“ преку Вардар

Ѓорѓиевски тогаш изјави дека екипи на Градот веќе започнале да се спогодуваат со некои од преостанатите сопственици на имот што е дел од трасата каде што треба да се отвора улицата. Сепак, тој соопшти дека има еден проблематичен случај помеѓу двајца браќа каде што едниот не сака да ја прифати цената што ја нуди Градот и бара енормно голема сума, поради што случајот во јуни ќе оди на суд.

– Владата дала пари за изградба, почнал да се гради, нема помрднување од мртва точка со експропријацијата. Во изминатиот период има неколку позиции каде што одиме со спогодба, каде што е разумно барањето на оние што треба да бидат експроприрани таму, но има и позиции каде што сме во судски постапки. Конкретно има едно семејство каде што со едниот брат е завршена експропријацијата, куќата е „лепенка“, смета на трасата. Другиот брат не сака да се согласи на сумата што Град Скопје ја утврдил со проценител, бара драстично поголема, речиси двојно од тоа, и тука решението е судот и првото рочиште за тоа е во јуни. Така што таму експропријацијата нема да се заврши, но важно ми е да го направам функционален – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој тогаш истакна дека се прават огромни напори мостот да се стави во употреба и да се пробие патот, најпрво само со две ленти на излезот од мостот.

Со оглед на тоа што градоначалникот вчера соопшти дека мостот за два месеца ќе биде проточен за сообраќај, а еден од објектите сѐ уште не е експроприран, најверојатно патот ќе биде делумно пуштен во сообраќај и нема да биде целосно завршен се додека судот не ја одреди сумата што ќе им ја исплати на сопствениците на објектите, по што целосно би требало да се прошири улицата и конечно да се заврши овој проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот