Жителите на Аеродром и на Гази Баба ќе се поврзат со нов мост и булевар

Фото: Фејсбук/Град Скопје

Откако новиот мост на Вардар ќе биде готов, а изградбата на булеварот АСНОМ комплетно финализирана, градските и општинските власти најавуваат дека комплетно изградениот мост ќе има шест коловозни ленти и нови автобуски линии. Дополнително, за пешаците се предвидени и нови пешачки како и велосипедски патеки.

Жителите на скопската општина Аеродром, која е една од најнаселените во Скопскиот регион, како и на Гази Баба, општина во која има огромен број индустриски објекти, конечно ќе имаат можност полесно да поминуваат од една во друга општина, откако комплетно ќе заврши изградбата на булеварот АСНОМ, но и откако комплетно ќе бидат завршени градежните работи околу изградбата на мостот на Вардар „Михајло Апостолски“.

Сега, за населението од овие две општини, единствен начин да поминат од една на друга страна е поминувајќи по мостот „Близнак“. Како резултат на тоа, во раните утрински часови, но и во попладневните часови кога вообичаено луѓето се враќаат од работа, сообраќајниот метеж и гужвите се секојдневна појава.

За решавање на овој децениски проблем, градските и општинските власти деновиве и официјално го најавија стартот на третата и последна фаза од изградбата на новиот булевар АСНОМ. Градежните работи од оваа фаза опфаќаат изградба на булевар на потег од крстосницата со булеварот Гоце Делчев до објектот на поранешен „Пролетер“ во населбата Керамидница.

– Според проектот, оваа фаза опфаќа реконструкција и изградба на дел од булеварот во должина од 317 метри, за што ќе се инвестираат околу 70,6 милиони денари. Реализацијата на овој проект и градежните работи ќе се одвиваат согласно динамиката на експропријацијата на имотите кои се на неговата траса и моите очекувања се дека најдоцна на почетокот на наредната година ќе биде пуштен во употреба – истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Шилегов истакна и дека изградбата на овој булевар во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но за жал поради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети, неговата изградба секогаш била одложувана за некои подобри времиња.

– Со изградбата на овој коридор граѓаните на Аеродром и на Ново Лисиче ќе имаат уште едно поврзување со центарот на градот, кое освен за автомобилскиот сообраќај, ќе биде поврзано и со велосипедски патеки, а по него ќе се движат и нови автобуски линии, со што граѓаните ќе бидат поврзани на сите начини. Исто како и остатокот од булеварот, и во овој дел е предвидено модерно булеварско решение со по 3 коловозни ленти во двата правци, странично и средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки и модерно ЛЕД осветлување – изјави Шилегов.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, пак потенцираше дека овој нов булевар дополнително ќе го растовари сообраќајот во градот, посебно во делот на булевар Киро Глигоров.

– Означивме почеток на третата фаза од изградбата на новиот булевар АСНОМ, почнувајќи од раскрсницата со булеварот Гоце Делчев до новиот мост Михајло Апостолски. Со оваа последна фаза се заокружува овој голем капитален проект. Овој нов булевар дополнително ќе го растерети сообраќајот во градот, посебно во делот на булевар Киро Глигоров – заклучи Георгиевски.

Според градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин, со реализација на оваа капитална инвестиција, значително ќе се намали потребното време за населението од Ново Лисиче да стигне до Центар.

– Започнаа градежните работи на третата фаза на булеварот АСНОМ, кој ќе биде споен со новиот мост на реката Вардар што ќе ги поврзува улиците Васко Каранагелески во Аеродром и Индустриска во населбата Ќерамидница во Гази Баба. Со реализацијата на овој проект значително ќе се растовари сообраќајот од Ново Лисиче до Судска палата, така што граѓаните на овие три општини ќе можат за 20 минути да ја поминат оваа рута – истакна Марин.

Истовремено, интензивно се работи и на изградбата на новиот мост на реката Вардар. Откако новиот мост на Вардар ќе биде готов, а изградбата на булеварот АСНОМ комплетно финализирана, градските и општинските власти најавуваат дека комплетно изградениот мост ќе има шест коловозни ленти и нови автобуски линии. Дополнително, за пешаците се предвидени и нови пешачки како и велосипедски патеки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот