Лекарски бунт во БиХ — 32 доктори дадоа отказ поради ниските плати
Повеќе од 30 лекари од Кантоналната болница и од Домот на здравје во Ливно утрово поднеле откази поради ниските плати и лошите услови, пренесува „Н1“.
Препорачано
Докторите се незадоволни од односот на Владата на Кантон 10 и надлежното министерство кон нивните барања за подобрување на материјалните права, изјавил д-р Ивица Јозич, претседател на Синдикатот на лекарите во тој кантон.
Станува збор за 85 отсто од специјалистите во болницата и домот на здравје во Ливно, додека за останатите здравствени установи Синдикатот сè уште нема точни податоци.
„Не добивме никаква информација од кантоналната влада за евентуални преговори со цел да се избегне колапс на здравствениот систем. Исто така, не нè контактираше ниту Федералното министерство за здравство. Јас минатата сабота се сретнав со федералниот министер во врска со работа, но не разговаравме за проблемот на лекарите во Ливањскиот кантон“, истакнува Јозич.
Лекарите ќе работат до следниот понеделник, кога завршува отказниот рок.
„Ние ќе работиме нормално до следниот вторник. Доколку Владата дотогаш не реагира, во вторник – 14 јули нема да дојдеме на работа. Искрено се надеваме дека разумот ќе надвладее и дека Владата ќе разбере дека проблемот е очигледен и дека не може да го игнорира“, нагласува Јозич.
Лекарите во Ливно се незадоволни од својот материјален статус, кој, како што велат, е меѓу најлошите во Федерацијата на БиХ.
Зголемувањето на платите од три проценти, кое го понудила Владата, е оценето како неприфатливо.
Покрај ниските плати, лекарите предупредуваат и на сериозен недостиг од кадар, поради што се принудени да работат двојно повеќе дежурства од законски пропишаниот максимум.
Ректори, менаџери и сопственици на универзитети во БиХ се здружиле и „штанцале“ лажни дипломи


