Ермонела Јахо, оперска ѕвезда од Албанија

Фестивалот „Охридско лето“ почнува на 12 јули со гала-концертот „Љубов“

Со гала-концертот „Љубов“ на големата оперска ѕвезда Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. Тие ќе настапат под диригентската палка на Италијанецот Марко Боеми, а во придружба на Националната опера и балет.

Според првиот човек на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, токму во вечно инспиративниот Охрид се испреплетуваат традицијата и убавината, а уметноста добива нова димензија и нова сила преку фестивалот што веќе 66 години успешно опстојува и е високо етаблиран на меѓународната културна мапа.

– Како директор на фестивалот, чувствувам особена одговорност, но и привилегија, да бидам дел од приказната што веќе со децении ја гради духовната и културната мапа на нашата земја и пошироко. „Охридско лето“ не е само фестивал – тоа е традиција, вредност и мост што ги поврзува културите, народите и генерациите – вели Цуцковски.

На 40-дневниот фестивалски репертоар се педесетина неповторливи доживувања од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот при што фестивалските сцени ќе примат над 700 докажани уметници од 24 земји во светот. Во рамки на програмата е предвидено и одбележување на два јубилеи, 100 години од раѓањето на големата оперска дива Ана Липша Тофовиќ и 60 години постоење на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Во соработка со претставниците на дипломатските претставништва во земјава, ќе бидат организирани Австриска вечер, Шпанска вечер, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Грчка, Словачка, Унгарска и Полска вечер, како и Вечер на Европската унија.

Фестивалот „Охридско лето“ отсекогаш внимавал вистинските културни вредности да ѝ ги наметне на младата популација, па така, пред свеченото отворање, во црквата „Света Софија“, во соработка со Музичката младина на Македонија, беше организиран „Подиум на млади“ со новата генерација уметници на кои допрва им претстои блескава кариера.

Годинава на „Охридско лето“ новина се концертите на џез-музика, што ќе се одржат од 13 до 16 август на сцената „Долни Сарај“ и во црквата „Света Софија“ со врвни уметници од САД, Гана, Велика Британија, Холандија, Германија и С Македонија.

Како што потврдува директорот на оваа Национална установа, Цуцковски, минатогодишното издание на „Охридско лето“ беше обележано со рекордна посетеност и рекордна продажба на билети во последните 10 години, што според него, претставува јасен показател за довербата во квалитетот на фестивалската програма.

– Над 10.000 посетители беа дел од гледалиштата на шеесет и петтото издание на музичко-сценската манифестација „Охридско лето“. Според евиденцијата на купени влезници имаше публика од над 30 држави од сите континенти. Овие резултати не се значајни само за фестивалот, туку имаат и пошироко влијание врз развојот на туризмот, придонесувајќи за зголемена посетеност на градот, како и дополнителна промоција на Охрид како атрактивна културна и туристичка дестинација – додава Цуцковски.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на РС Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, а со финансиска поддршка на Владата преку Министерството за култура и туризам. Генерален спонзор е А1 Македонија, а во реализацијата на фестивалските вечери помагаат и Општина Охрид, дипломатскиот кор во земјава, како и бројни спонзори и поддржувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот