Сиљановска-Давкова и странските дипломати во Охрид/ Фото: Фејсбук

Сиљановска на дипломатите им кажа и за кралот Артур и за Хамлет и за Пенелопа и Одисеј, им ги спомна и Тукидид, Макијавели и Хобс

„Живееме нова реалност – конфузна, контрадикторна и неизвесна, во која тукидидовците и макијавелистите туркаат кон Хобс, а кантовците и вилсоновците предупредуваат“, рече претседателката

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето пред странските дипломати во земјава во Охрид, рече дека меѓународниот поредок не е заснован на меѓународното право, а „уште помалку на правда, етика и морал, туку отворено се повикува на моќ и се активира оружјето“. Таа рече дека „живееме нова реалност – конфузна, контрадикторна и неизвесна, во која тукидидовците и макијавелистите туркаат кон Хобс, а кантовците и вилсоновците предупредуваат“.

Реферирајќи на бројни историски, уметнички и митски фигури, претседателката рече дека имала „сериозен научен сомнеж во тезите на Френсис Фукојама за ‘крајот на историјата’, во смисла на конечна победа на либерализмот и крај на контрадикторноста меѓу слободата и еднаквоста, како и во тезите на Хантингтон за неминовен судир на цивилизациите, не верував дека толку брзо ќе дојде времето кога повторно ќе се отворат прашањата за коишто мислев дека едно полнолетно човештво одамна ги надминало и затворило: време на војни, милитаризација, нова трка во вооружување, време на хибридни закани, сајбер напади, дезинформации, авторитаризам, брутален реализам“.

Не споменувајќи ги директно заканите на Доналд Трамп кон Гренланд, Сиљановска рече дека „легалното сè помалку е праведно, а праведното ретко станува легално“.

„Малите држави, како мојата, на сопственото искуство најдобро ја спознаа меѓународната политиката како сила. Малите држави заедно со средните мора да бидат најгласните поддржувачи на мултилатерализамот во ера на разгоропаден мултиполаризам, старо-нови голијати, па и неоунилатералистичка геополитичка, економска и енергетска доминација“, рече претседателката додавајќи:

„Претпочитам тркалезни Артурови маси наместо мапи на фронтови и цели на уништување“.

Осврнувајќи се на внесувањето на Бугарите во Уставот како услов од преговарачката рамка на ЕУ, таа го поврза со Хомеровата приказна за кралот на Итака, Одисеј, и неговото враќање од Тројанската војна и средбата со сопругата.

„Ние не можеме да бидеме Пенелопа којашто, чекајќи го Одисеј, нонстоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите, односно lex superior, којшто треба ретко и со рака што трепери да се менува. Како е можно, односно не е ли хипокризија и цинизам да се повикуваш на национален уставен патриотизам и на консензусот како брана од промена на конститутивните акти на ЕУ, а да бараш од една држава да исполни ‘само уште еден услов’, да направи ‘само уште една отстапка и уставна промена’, оти така сакал соседот, така препорачувал известувачот или Европскиот совет. Тешко е да се живее во перманентна неизвесност. Чудно е да се повикуваш на Копенхашки критериуми, а да инсистираш на балкански барања, да очекуваш реформи и владеење на правото, а да толерираш билатерализација, ветоизација и двојни стандарди“, рече пред дипломатите Сиљановска Давкова.

Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Фејсбук

Зборувајќи дека „сите сме пред Хамлетовска дилема: да се биде или да не се биде“, таа рече дека е потребен нов импулс на мултилатерализмот кој ќе ја брани Повелбата и меѓународното право, кој ќе ги штити малите, слабите и ранливите нема да дозволи правдата да стане привилегија на силните.

Таа објаснуваше и како според неа би требало да функционира Европската унија: „Западниот Балкан не е проблем на апсорпциониот капацитет на Унијата. Напротив, интеграцијата на регионот е прашање на безбедност, на стабилност и на геополитичка рационалност во време на растечко геополитичко ривалство“.

„Мора да учиме лекции од искуството што го имаме за да не инспирираме и предизвикаме во иднина слично однесување на секој што ќе влезе во Европската унија кон кандидатите за кандидати, пишувајќи тажни балкански приказни. Ако проширувањето стане механизам во кој секој нов член добива право да го ‘редефинира’ патот на следниот, тогаш Унијата ќе го загуби она што ја прави Унија: принципот на правна предвидливост и еднаквост. Бараме проширувањето да се врати таму каде што припаѓа: во рамката на Копенхашките критериуми, во рамката на меритократијата, во рамката на реформите и владеењето на правото. Само така, европската перспектива ќе остане кредибилна“, рече Сиљановска Давкова во обраќањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот