Ејми Вајнхаус со мајка ѝ Џенис / Фото: Profimedia

Мајката на Ејми Вајнхаус 15 години по нејзината смрт: „Таа беше жртва на сопствениот успех“

Поминаа 15 години од смртта на британската пејачка Ејми Вајнхаус, а нејзината мајка Џенис Вајнхаус во ново интервју отворено проговори за борбата на својата ќерка со зависноста, притисокот од славата и начинот на кој денес се справува со загубата.

Добитничката на шест награди Греми почина на 23 јули 2011 година, на само 27-годишна возраст, како последица на случајно труење со алкохол.

„Таа беше жртва на сопствениот успех. Не го сакаше тоа, но славата едноставно ја следеше. Често знаеше да каже: ‘Кој, јас?’, изјави 72-годишната Џенис за „Ај пејпер“.

Таа откри дека Ејми, иако на сцената изгледала самоуверено, всушност била многу несигурна.

„Всушност беше нервозна. Немаше самодоверба. Затоа посегнуваше по алкохолот. Мислам дека така е кај многу зависници. Алкохолот ја оттурнува болката, а токму тоа е најстрашното кај зависноста“, рече Џенис.

Ејми Вајнхаус со мајка ѝ Џенис / Фото: Profimedia

На прашањето како денес се справува со тагата по смртта на ќерка си, таа даде едноставен, но емотивен одговор.

„Едноставно продолжувам понатаму, затоа што така функционирам. Продолжувам да живеам“, изјави таа.

Набргу по смртта на Ејми, Џенис ја основала Фондацијата „Ејми Вајнхаус“, чија цел е да им помогне на децата и младите да изградат самодоверба и отпорност кон животните предизвици. Во рамките на фондацијата функционира и „Ејмис плејс“, дом за закрепнување на жени кои се борат со зависности, сместен во лондонската населба Хакни.

Маќеата на Ејми, Џејн Вајнхаус, која е коосновач и директор на фондацијата, смета дека токму оваа работа најмногу би ја израдувала пејачката.

„Ејми би ги обожавала жените кои се тука. Ова место е многу верно на нејзиниот дух. За да започнеш вистинско закрепнување, мораш да бидеш искрен со себе. Луѓето тука создаваат длабоки врски какви што ретко се создаваат во секојдневниот живот“, изјави таа.

За време на својата кариера, Ејми Вајнхаус објави само два студиски албума – „Frank“ и „Back to Black“, но остави огромна музичка трага. Освои шест награди Греми, меѓу кои за најдобар нов изведувач, најдобар поп-вокален албум, снимка на годината, песна на годината и најдобра женска поп-вокална изведба за хитот „Rehab“, а постхумно беше наградена и за дуетот „Body and Soul“ со Тони Бенет.

Поранешниот сопруг на Ејми Вајнхаус ја откри својата страна од приказната 15 години по нејзината смрт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот