Албанската влада ја увери ЕУ дека еколошки ќе го процени проектот на зетот на Трамп, вели Кoс
Коментирајќи ги тековните протести, еврокомесарката за проширување Марта Кос нагласи дека правото на протест е темелна вредност на Европската Унија.
Европската комисија добила уверувања од албанската влада дека ќе биде спроведена целосна проценка на влијанието врз животната средина и дека ќе бидат почитувани европските еколошки стандарди, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос, коментирајќи ги последните случувања околу проектот поврзан со Џаред Кушнер.
Препорачано
Според Кос, овој проект, како и сите тековни проекти, мора да биде во согласност со законската рамка и со одредниците од Поглавјето 27, кое се однесува на животната средина. Таа додаде дека ситуацијата ќе треба целосно да се расчисти пред да може да се затвори ова поглавје, чие затворање во моментов е планирано за крајот на 2027 година.
Кос додаде дека улогата на Европската комисија е да провери дали се исполнети релевантните одредници и ги охрабри албанските власти да продолжат да преземаат чекори што ќе помогнат во исполнувањето на тие услови.
— Фактот што ова се случува додека Албанија минува низ процесот на пристапување е важен. Овој процес е правно и политички обврзувачки и е предмет на постојан надзор и оценување. Тоа е најсилната гаранција дека природата и животната средина во Албанија ќе бидат заштитени во согласност со европските стандарди — рече таа.
Коментирајќи ги тековните протести, Кос нагласи дека правото на протест е темелна вредност на Европската Унија.
— Би сакала да додадам и дека знаете колку е важно правото на протест за нас. Тоа е основно право во нашата Унија и за сите земји што сакаат да станат членки. Драго ми е што гледам дека тоа се почитува во Албанија — рече Кос.


