Пак се разгоре пожарот кај Велес, силниот ветер им одмага на пожарникарите
Пожар кој утрово избувна во близина на Казнено-поправната установа Велес – Превалец повторно се активираше во текот на денот, откако првично беше ставен под контрола.
Препорачано
Огнот бил забележан околу 09:50 часот на отворен простор, а благодарение на брзата интервенција на службите состојбата накратко била стабилизирана. Сепак, околу 13 часот силниот ветер придонел пожарот повторно да се разгори и да почне да се шири кон селото Војница во Општина Чашка.
На терен се ангажирани пожарникари од Територијалната противпожарна единица Велес со повеќе возила, како и доброволци, вработени од комуналните претпријатија и екипи од шумското стопанство. Сите расположливи ресурси се насочени кон локализирање на огнената линија и спречување на нејзино понатамошно ширење.
Според првичните информации, пожарот зафатил површини со сува трева и нискостеблеста вегетација, што дополнително го олеснува ширењето на пламените јазици.
Поради опасноста од пожарот, околу 14:30 часот беше донесена одлука за целосно затворање на регионалниот пат Велес – Извор. Возачите се пренасочуваат преку селото Горно Оризари, а надлежните апелираат за внимателно движење и почитување на привремената сообраќајна сигнализација.
Службите остануваат на терен и внимателно ја следат состојбата со цел пожарот во најкус можен рок целосно да биде ставен под контрола.
Пожарот кај Штип е изгаснат, очевидец тврди дека е подметнат


