Илустрација/фото: Pexels / Vidal Balielo Jr

Шестмина хирурзи од Општата болница Струга бараат да им се платат дополнителни часови, директорот вели дека не им следуваат

Шестмина хирурзи од Општа болница Струга бараат да им се платат по околу 16 прекувремени часови што ги одработиле месечно, но тие според директорот на болницата доктор Владимир Бунчески, не им следуваат. Како што потврди доктор Бунчески за „Слободен печат“ шестмината хирурзи инсистирале на овие исплати на додатоците, но тој ги упатил на вештачење – откако се консултирал со правниците во болницата констатирал дека додатоците не им следувале бидејќи добиле надоместок за дежурство.

Политичката партија Левица излезе со соопштение во кое посочи дека поради оваа ситуација дошло до одложување на хируршки интервенции во општата болница Струга и вината му ја префрлија на министерот за здравство Азир Алиу.

Случајот со хирурзите од Струга, кои протестно ги прекинаа планираните операции поради неисплатени надоместоци што им следуваат по закон и колективен договор, отвора сериозни прашања за тоа кој ја мери „продуктивноста“ во здравството или ако нема пациенти дали лекарите треба да останат без плата. Наместо институциите да утврдат каде е проблемот, јавноста добива политички квалификации за тоа кој е продуктивен, а кој не. Хирурзите во Струга тврдат дека не се соодветно платени за својата работа, реагираа од партијата.

Директорот на струшката болница за „Слободен печат“ рече дека немало одложување на операциите, туку дека тие се одвивале со голем интензитет, некогаш и по 9 дневно, поради што се потрошил материјалот и дошло до одложување додека да се набави нов материјал на тендер и да заврши тендерската постапка. Според него, хирурзите не одбивале да работат и покрај тоа што имало несогласување колку пари месечно треба да им се исплатат.

Од Левица го отворија прашањето дали продуктивноста на лекар, медицинска сестра или болничар се сведува само на бројот на пациенти, прегледи или операции. Оттаму сметаат дека Колективниот договор предвидува да се плаќа времето поминато на работа, без разлика на тоа дали дошле или не пациенти, бидејќи здравствениот систем треба да функционира постојано, за кога на пациентите ќе им биде потребна здравствена грижа да ја добијат непречено.

Ова неизбежно потсетува на идејата за „плаќање по учинок“ која се туркаше во времето на Груевски и која тогаш наиде на силен отпор од здравствените работници. И денес останува истото прашање: по кои критериуми некој ќе одлучува кој заслужува повеќе, а кој помалку? Ако власта тврди дека одредени болници или вработени не се доволно продуктивни, тогаш треба јасно да каже по кои критериуми го мери тоа. Дали продуктивноста на лекар, медицинска сестра или болничар се сведува само на бројот на пациенти, прегледи или операции?, прашаа од Левица.

Директорот на болницата за „Слободен печат“ рече дека штрајк на хирурзите немало, туку тие само се обратиле кај него со барања за исплати на надоместоци на плати.

-Работевме турбо цела година и понекогаш снемува материјал, па преку тендер додека да го донесат добавувачите се одложија некои операции. Нашата болница е со најголем број на операции. И да не работиме до октомври, пак ќе имаме најголем број операции од сите општи болници во Македонија. Имаме по 7, 8 а некогаш и 9 операции дневно. Немаше штрајк туку хирурзите реагираа дека сме им ги „кинеле“ додатоците на плата. Но, каков што е програмот за плата, така се пресметува платата. Ако греши програмот, тогаш и ние сме грешка. Им реков дека ако сметаат оти се во право, да тужат, да се изврши вештачење, а незаконски не можам да им ги дадам додатоците. Ние имаме систем на дежурства, после 16 часот. Се консултирав со правниците и адвокатите и не знам кои се тие вишок часови кои не им биле платени, кога биле на дежурство. Јас незаконски не можам да им дадам исплати, ни рече доктор Бунчески.

Од Левица пак велат дека колективниот договор јасно предвидува дека прекувремената работа се плаќа според остварените часови и соодветниот коефициент.

Тоа право не зависи од субјективно мислење на министер дали некој бил доволно „продуктивен“, туку од фактот дека работел повеќе од редовното работно време. Информациите кои пристигнуваат до Левица се дека во сите здравствени установи се врши кратење на надоместоците за прекувремена работа, што само потврдува дека буџетот е во колапс. Дополнително, никој не може да ги „натера“ пациентите да дојдат во болница за да се подобри статистиката. По таа логика, дали треба да не ги платиме пожарникарите ако во текот на месецот немало пожари? Јавните служби постојат за да бидат подготвени кога граѓаните ќе имаат потреба од нив, а не само кога има работа, реагираа од партијата.

Оттаму посочија дека пациентите не смеат да бидат заборавени.

Во ситуација во која сега се наоѓа болницата во Струга токму пациентите се колатерална штета на недоразбирањата и нерешените исплати на надоместоци меѓу вработените и министерството за здравство. Токму луѓето кои не се итни случаи, а чии операции или интервенции се одложуваат ги трпат последиците од неодговорното однесување на министерот Алиу, чија должност е да менаџира со системот така што проблемите навремено ќе се решаваат и нема да ескалираа до степен во кој товарот ќе падне врз пациентите, обвинија од Левица.

Хирурзите во Струга запреа со операции, велат дека одработените часови не им се исплатуваат реално

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот