Тошковски: Нема толеранција за насилство, случајот со бугарската амбасада се процесира по итна постапка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро го осуди вчерашниот инцидент со палењето возило во сопственост на амбасадата на Бугарија во Скопје, нагласувајќи дека насилството нема да биде дозволено ниту толерирано.
Препорачано
Тошковски истакна дека ваквите настани се неприфатливи и дека институциите реагирале навремено.
– Осуда за какво било насилство спрема кого било во Македонија е логична. Насилство нема да дозволиме и нема да биде толерирано – потенцира министерот одговарајќи на новинарско прашање на потпишувањето на Декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите.
Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи брзо постапило во насока на расветлување на случајот, при што осомниченото лице било идентификувано и лишено од слобода.
– Лицето кое се сомничи за палењето на возилото е многу брзо идентификувано и обезбедено од страна на МВР, во соработка со Агенцијата за национална безбедност – информираше Тошковски.
Според него, случајот се процесира во координација со надлежните институции, а од Обвинителството се очекува понатамошно постапување по итна постапка.
– Очекуваме во текот на денот да има соопштение од страна на обвинителството и од судот во однос на понатамошните чекори – рече министерот.
Тошковски повтори дека институциите имаат јасен став за ваквите појави, особено кога станува збор за оштетување имот на странски дипломатски претставништва.
– Огромна осуда лично од моја страна и од страна на сите оние, пак ќе повторам, политички фактори во државава на какво било насилство, особено насилство насочено кон оштетување предмети коишто се во сопственост на соседна држава, особено таков тип на насилство треба да биде предмет на осуда и е предмет на осудата – посочи тој.
Во однос на мотивите за инцидентот, Тошковски рече дека во овој момент не може да сподели повеќе информации, но додаде дека постапката е во тек и се води согласно законските процедури.
Фатен е потпалувачот на возилата пред Бугарската амбасада, јавува МВР


