Светско првенство во фудбал 2026/ Фото: UWE KRAFT / imago sportfotodienst / Profimedia

За кого навиваат нашите политичари на Светско? Тошковски за Португалија, Пендаровски и Апасиев за Бразил, Бендевска за Босна…

Светското првенство во фудбал ги обедини сите пред малите екрани. Еден месец е доволен за милиони луѓе да станат селектори, тактичари, аналитичари и најгласни навивачи. Од утринското кафе до доцните вечерни дебати, фудбалот станува главна тема на разговор, а секој има свој фаворит и свое предвидување за тоа кој на крајот ќе го подигне најпосакуваниот трофеј во спортот.

Но, за кого навиваат македонските политичари, судии и јавни личности? Кој според нив ќе ја освои светската круна и која репрезентација ќе биде најголемото изненадување на турнирот?

Дел од најпознатите личности од јавниот живот во Македонија за „Слободен печат“ ги откриваат своите фудбалски симпатии, фаворити и прогнози за исходот на мундијалската трка. Некои се верни на традиционалните велесили, други веруваат во нови шампиони, но сите се согласуваат во едно – нè очекува вистински фудбалски спектакл.

Претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски, им посакува многу успех на фудбалските репрезентации од соседството.

– Благодарам на прашањето, јас немам втор фаворит покрај нашата македонска фудбалска репрезентација, но доколку морам да се одлучам, им посакувам многу успех на фудбалските репрезентации од соседството – изјави премиерот за „Слободен печат“.

Поранешниот претседател на Македонија Стево Пендаровски вели:

– Кога не игра Македонија, секогаш навивам за Бразил.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски навива за Португалија и смета дека Португалија ќе биде шампион.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, има друг фаворит.

– Навивам за Хрватска – посебно затоа што ова, најверојатно, е последното Светско првенство на Лука Модриќ, еден од најдобрите фудбалери на нашето време и симбол на една извонредна генерација. Но, ако зборуваме реално за фаворит, според мене Франција има најсилен состав и најголеми шанси да оди до крај – ни рече Муцунски.

Пратеничката Славјанка Петровска има интересна приказна за нејзиното куче кое добро типува победници.

– Навивам за Босна и Херцеговина и Турција, ама битката мислам дека ќе се води помеѓу Англија и Франција. Инаку моето кученце Стела веќе точно типуваше дека меѓу Германија и Курасао ќе победи Германија. Во една емисија беа поставени две топчиња, кои ги претставуваа Германија и Курасао и Стела го одбра топчето за Германија – ни рече Петровска.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски навива за Босна и Херцеговина, а претседателот на СДСМ Венко Филипче, иако не е баш љубител на фудбалот, сега на Светско навива за Хрватска.

Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека не навива за никого посебно.

– Да не кажам нека победи подобриот. А ако морам да издвојам некоја репрезентација, нека биде Мароко – изјави Гаши за „Слободен печат“.

Пратеничката од ЗНАМ Весна Бендевска вели дека сериозно следи фудбал и традиционално навива за Босна и за Брегот на слоновата коска. Запрашана зошто навива за Брегот на слоновата коска, рече дека досега постојано се квалификуваат. Додаде и дека ѝ недостасуваат уште само неколку сликички од албумот и дека секое Светско првенство го собира албумот. Смета дека Германија ќе биде шампион од досега пласираните.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев секогаш навивал за Италија, но таа не се пласираше на Светското првенство.

– Така што сега сум за Бразил, вели Апасиев за „Слободен печат“.

Максим Димитриевски вели дека како човек, отсекогаш бил на страната на аутсајдерите.

– Навивам за екипите од нашето окружување и екс-југословенските држави. Мојот фаворит е Босна и Херцеговина како аутсајдер. Втор мој фаворит е Хрватска, секако отсекогаш на сите светски првенства фаворити биле Бразил, Германија, Франција и светските сили во фудбалот – вели тој.

Министерот за спорт Борко Ристовски навива за Шпанија и верува и се надева дека Шпанија ќе биде шампион.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски ни рече дека не гледа фудбал.

– Можеби ќе гледам кога Македонија ќе се пласира на светско – вели тој.

Портпаролката на Владата Марија Митева нема посебен тим за кој навива.

– За жал, мојот вечен фаворит Македонија не е дел од ова натпреварување. Сепак има неколку интересни репрезентации што ќе ги следам, еве би сакала Хрватска и Босна и Херцеговина да стигнат што подалеку, па зошто да не и до самата завршница.
Искрено, повеќе внимание ми привлекува сè она што се случува надвор од теренот, атмосферата, навивачката страст и енергијата. Особено ми е интересна традицијата на собирање сликички. Тоа е еден убав спортски ритуал кој буди спомени од детството и покажува дека фудбалот е многу повеќе од игра и ги поврзува генерациите, вели Митевска.

Прашавме и други познати личности, од други професии.  Отец Антонио Апостолоски, старешина на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје вели дека целиот живот навива за репрезентацијата на Италија.

– Но овојпат, поради тоа што „аѕурите“ не успеаја да се пласираат на Мундијалот, би рекол дека Аргентина е мојот фаворит. Многу го ценам Лионел Меси како фудбалер и сметам дека заслужува уште еднаш да го крене златниот пехар пред официјално да се пензионира – вели тој.

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески  за „Слободен печат“ прогнозира дека Португалија ќе биде светски шампион иако не навива за таа репрезентација.

– Навивам за Шпанија. Секогаш навивам за некоја од европските држави – вели тој.

Претседателката на Основниот кривичен суд Скопје Даниела Димовска мисли дека Франција има најголеми шанси да победи.

– Но, мојата поддршка сепак е за Босна и Херцеговина! Навивам за нашиот регион и би сакала балканска репрезентација да постигне успех –  изјави таа за „Слободен печат“.

Владиката Пимен за „Слободен печат“ вели дека традиционално навива за Италија и Франција.

– Со оглед на тоа што Италијанците останаа дома, ми остана само Франција како миленик. Не би ме зачудило годинава купот да го освои некоја репрезентација од Африка, на пример Мароко – ни рече владиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот