ФБИ тврди дека е спречен масакр на УФЦ-настанот пред Белата куќа
Непријателството кон „капиталистичката елита“, милијардерите и политичарите кои примаат донации од Американско-израелскиот комитет за јавни работи (AIPAC) се наведува како мотив за нападот.
Федералното истражно биро (ФБИ) осуети комплексен план за заговор чија цел беше терористички напад врз минатонеделниот спортски спектакл „UFC Freedom 250“ во Вашингтон, потврди оваа агенција. Досега се уапсени петмина, додека идентификувани се вкупно 23-ца за кои постои сомневање дека се дел од поширока мрежа на заговорници за планирање масакр, објави Си-ен-ен.
Препорачано
Според властите, планираниот напад бил поделен во фази. Првиот дел од планот вклучувал користење беспилотни летала наполнети со експлозиви за таргетирање згради во близина на спортскиот настан. Целта била да се предизвика паника и масовна евакуација на публиката, која би била насочена директно кон тимот однапред позиционирани снајперисти. Втората фаза од планот повикувала на директен напад врз портите на Белата куќа.
ФБИ прво добило информации за заканата на 10 јуни, по што следело првото апсење во Синсинати. Клучните докази биле собрани со анализа на комуникациите на апликацијата Signal, каде што осомничените детално ја разработиле логистиката на нападот. Според податоците од телефонот на еден од осомничените, најмалку 23 корисници учествувале во групни дискусии за подготовките за операцијата.
Непријателството кон „капиталистичката елита“, милијардерите и политичарите кои примаат донации од Американско-израелскиот комитет за јавни работи (AIPAC) се наведува како мотив за нападот.
Настанот UFC Freedom 250 се одржа на Јужниот тревник на Белата куќа во чест на 80-тиот роденден на претседателот Доналд Трамп и 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност.
Безбедносниот ризик беше огромен, со оглед на тоа што меѓу 4.300-те гости беа претседателот Доналд Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио, директорот на ФБИ, Кеш Пател, како и милијардерот Марк Закерберг. Во непосредна близина имаше и фан-зона со околу 85.000 посетители.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, ја пофали координираната акција на 12-те регионални канцеларии на Бирото и Министерството за правда.
„Благодарение на брзата акција на ФБИ и нашите партнери во неколку земји, неколку лица се во притвор, а планираните напади беа спречени“, рече Пател, нагласувајќи дека безбедносните мерки беа на највисоко ниво неколку недели пред самиот настан.
Истрагата продолжува и се очекува бројот на уапсени да биде поголем во наредните денови.
ВИДЕО | Доналд Трамп го прослави 80-от роденден со УФЦ-спектакл во Белата куќа


