Последната членка на ОН што ја немаше признаено Хрватска, денеска ја призна
Кралството Бутан денеска формално ја признала независноста на Хрватска, а тоа ќе ја зајакне соработката меѓу двете земји посветени на стабилност, мир и одржлив развој, објави хрватското Министерство за надворешни и европски работи, според медиумите.
Препорачано
„Признавањето е резултат на работата на владата, Министерството за надворешни и европски работи, Постојаната мисија на Хрватска во ОН и Амбасадата во Њу Делхи во согласност со принципите на меѓународното право и целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации“, се вели во соопштението на министерството.
Хрватска веќе одржува односи со оваа хималајска нација од околу 800.000 луѓе во рамките на Обединетите нации, но ова формално признавање е важен поттик за билатерална соработка, во согласност со интересите на двете земји.
Проблемот со Бутан била големата меѓународна изолација на земјата, која со децении одржувала дипломатски односи со само неколку десетици други држави, а по распаѓањето на Југославија, бавно ги формализирала односите со државите кои произлегоа од неа. Меѓу ретките земји кои до скоро ја немаа признаено Хрватска беа и африканската држава Нигер и полинезиската Тонга, но тие тоа го сторија во 2023, односно во 2024 година.
Хрватска го одбележува денот на меѓународното признавање на 15 јануари, бидејќи на тој датум во 1992 година, сите членки на тогашната Европска Унија и други значајни земји во светот ја признаа.


