Македонските камионџии ќе работат полесно во Европа, Николоски најави нови договори за долгорочни визи
Владата самостојно го решава проблемот со престојот на македонските професионални возачи во Шенген-зоната, а првите долгорочни работни визи веќе се издаваат, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој рече дека државата води билатерални разговори со европските земји, наместо да настапува преку регионални иницијативи, и дека веќе се постигнати конкретни резултати.
Препорачано
-Се договоривме со Швајцарија, Хрватска и Романија, а во завршна фаза се разговорите со Словенија, Австрија и Германија. Со тоа практично се решава најголемиот дел од проблемот на македонските транспортери преку издавање долгорочни работни визи, кои веќе почнаа да им се издаваат – изјави Николоски.
Тој додаде дека за Грција и Бугарија веќе функционира посебен режим, бидејќи тие се третираат како прекугранични зони, па деновите на престој на професионалните возачи не се пресметуваат.
Николоски нагласи дека Македонија нема да биде дел од регионални групи во процесот на решавање на ова прашање, оценувајќи дека таквиот пристап бил злоупотребуван од поединечни соседни држави за политички цели.
-Сè што беше најавено од тие земји досега не се реализира. Тоа само создава забуни и може да предизвика сериозна штета за домашното стопанство – рече министерот.
Тој истакна дека македонските транспортери се добро информирани и знаат дека решението треба да се бара преку директни договори со европските држави.
Николоски откри и дека уште од март се воделе експертски разговори со Европската комисија и Европската делегација, но тие биле доверливи. Според него, по протекувањето на информации во јавноста од една соседна држава, Владата одлучила процесот да го продолжи самостојно преку билатерални преговори.
-Во моментот сум апсолутно задоволен од начинот на кој се одвиваат разговорите и од тоа како се решаваат проблемите за македонските транспортери – порача Николоски.
Николоски: Брзата пруга блиску до реализација, јавни презентации во август


