Македонија на стартот е слободна, првиот меч е на гости против Австрија
По одржаната ждрепка за втората рунда од претквалификациите за ФИБА Евробаскет 2029, познат е и календарот на натпреварите во групата „Ф“, во која машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија ќе ги одмери силите со селекциите на Австрија и Кипар. Само најдобропласираната селекција ќе обезбеди место во квалификациите за ФИБА Евробаскет 2029.
Препорачано
Поради тоа што групата брои три репрезентации, Македонија ќе биде слободна во првото коло, а настапите ќе ги започне на 30 август 2026 година со гостување кај Австрија.
Првиот домашен натпревар нашата најдобра селекција ќе го одигра на 26 ноември 2026 година, кога ќе го пречека Кипар. Во февруарскиот квалификациски прозорец од 2027 година, Македонија најнапред ќе биде домаќин на Австрија, а циклусот ќе го заврши со гостување на Кипар.
– Би рекол дека, пред сè, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари кои не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, во кој остваривме максимален резултат. Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор. За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но, доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел – пласман во квалификациите за следното Европско првенство – изјави капитенот на Македонија, Војдан Стојановски.
Распоред на натпреварите – Група „Ф“
1. коло (27 август 2026)
Кипар – Австрија
Македонија е слободна
2. коло (30 август 2026)
Австрија – Македонија
3. коло (26 ноември 2026)
Македонија – Кипар
4. коло (29 ноември 2026)
Македонија е слободна
5. коло (25 февруари 2027)
Македонија – Австрија
6. коло (28 февруари 2027)
Кипар – Македонија
Македонските кошаркари против Кипар и Австрија во втората рунда од претквалификациите за ЕП 2029


