Енцо Фернандез Фото: EPA/WILL OLIVER

ФОТО | Челси на социјалните мрежи славеше гол против Англија, па експресно ја избриша објавата

Челси се најде во центарот на критиките од своите навивачи откако на социјалните мрежи ја прослави одличната партија на Енцо Фернандез во победата на Аргентина над Англија во полуфиналето на Светското првенство.

Аргентинскиот репрезентативец беше еден од клучните играчи во големиот пресврт на „гаучосите“. Откако Англија поведе со голот на Ентони Гордон, токму Фернандез во 85. минута со прецизен удар од далечина го израмни резултатот, пред Лаутаро Мартинез во судиското продолжение да го комплетира пресвртот за конечни 2:1 и пласман на Аргентина во финалето.

Веднаш по погодокот, официјалниот профил на Челси на социјалната мрежа „Икс“ објави фотографија од Фернандез како го слави голот, со краткиот опис „Енцо Фернандез“ и емотикон што симболизира експлозија.

ВИДЕО | Мундијалски вести: Претпазливоста на Тухел ѝ донесе на Аргентина можност за нова светска титула

Објавата, сепак, предизвика вистинска бура меѓу англиските навивачи на лондонскиот клуб, кои сметаа дека е несоодветно англиски премиерлигаш да слави погодок постигнат против англиската репрезентација.

„Сериозно? Ние сме англиски клуб. Ова е ужасен потег“, напиша еден навивач, додека друг додаде: „Зошто англиски клуб би славел гол против Англија?“

Имаше и коментари дека клубот целосно ја промашил атмосферата меѓу своите навивачи, а дел од нив потсетија и на неодамнешните шпекулации околу иднината на Фернандез и неговите изјави дека еден ден би сакал да игра во Шпанија.

Под притисок од бројните негативни реакции, Челси набргу ја избриша објавата од својот профил.

Аргентина чекори кон нова фудбалска бесмртност

Во меѓувреме, иднината на аргентинскиот репрезентативец и натаму останува тема на бројни шпекулации. Во изминатиот период Фернандез беше поврзуван со Реал Мадрид, а неговите изјави за желбата во иднина да живее во Шпанија дополнително ги поттикнаа гласините. Поради тоа, тој претходно беше и интерно дисциплински казнет од клубот.

Новиот менаџер на Челси, Чаби Алонсо, неодамна изјави дека сака Фернандез да остане еден од носителите на тимот и во следната сезона.

Аргентинските фудбалери предизвикаа дипломатска бура по победата над Англија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот