ВИДЕО | Момче со ангелски глас, но оштетен вид: Димитар има потенцијал да напредува, но не му следува личен асистент

Димитар Иваноски, ученик и млад пејач од Прилеп/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Димитар Иваноски во својот дом во Прилеп не пречека со насмевка и ведро расположение. Ни запеа пред камерата на „Слободен печат“ и се пофали за своите успеси на детските музички фестивали „Ѕвездички“ и ВАФ. Прво место во меѓународна конкуренција и гордо ни го покажува пехарот што е валоризација на неговата пејачка умешност и талент.

Веќе три години оди на часови по соло пеење и е одличен слухист кој пее и забавно и народно, омилени македонски пејачи му се Каролина Гочева и Влатко Лозаноски и го пее нивниот репертоар.

Овој ангелски глас на 11-годишниот Димитар е препознаен и во училиштето во Прилеп каде тој учи па редовно настапува на училишните приредби пред своите соученици. Но во клупата Димитар се соочува со проблеми бидејќе е дете со оштетен вид и има потешкотии со учењето. Обожува македонски јазик, ликовно и музичко, но има потешкотии со историја и математика. Иако седи во првата клупа има проблем со препишувањето од училишната табла, а благодарение на специјалната лупа која му е донација преку Сојузот на слепи лица, може да чита од учебниците. Вели, му помагаат наставниците со тоа што му печатат тестови со поголеми букви за полесно да ги види, а понекогаш и другарчињата му диктираат за да стигне со материјалот од наставата.

-Не знам да пишувам ракописно зошто ми е потешко, а печатно знам многу убаво и брзо пишувам, само некој треба да ми кажува од таблата и така можам побрзо да се снајдам со пишувањето. Ми треба асистент за домашните работи, да ми диктира за јас да пишувам. На училиште за да можам од таблата да ми кажува, јас да пишувам. Со асистент полесно ќе стекнувам некои нови работи за учење, блика со детска искреност нашиот мал соговорник Димитар.

Во отсуство на личен асистент, таа функција ја врши неговиот татко Цветан, вработен во шумската полиција кој секој слободен момент го поминува со синот и посветено работи на неговиот личен напредок. Биле и на Комисија во Битола каде само им ги подгреале надежите дека Димитар е добар кандидат за да добие образовен/личен асистент, но биле одбиени со брутално образложение.

-Во Битола направивме барање за да ни доделат асистент за него. Беа направени некои тестови за интелигенција и ни кажаа дека Димитар е добар кандидат за да му се додели личен асистент бидејжи има потенцијал за да напредува. После еден месец ни стигна решение дека Димитар нема да добие асистент. Контрадикторно е тоа што бил интелигентен и описменет и дека немало потреба. Мислам дека добро би ни дошло да има личен асистент. Ние повторно ќе поднесеме барање за да можеме да напредуваме. Секое дете коешто би се развило подобро би придонесло во општеството на било кој начин понатаму, вели таткото Цветан.

Личните асистенти под лупа

Инаку обезбедувањето образовни и лични асистенти, согласно Правилникот на Министерството за образование и наука е заради давање поддршка на учењето на учениците со попреченост во согласност со нивните индивидуални потреби со цел да им се овозможи учество во образовниот процес на еднаква основа со другите ученици и се обезбедува за ученик со попреченост без разлика во кое одделение од основното образование учи ученикот.

Образовните и личните асистенти се вработуваат од страна на училиштата со ресурсен центар на определено време, најмногу до крајот на учебната година, а средствата за образовните/личните асистенти се обезбедуваат од Буџетот на МОН. Стручното тело за проценка треба да издаде мислење за потреба од образовен/личен асистент на ученик.

Инаку наредната недела ќе се одржи пред-сесијата за Северна Македонија во Обидинетите нации во Женева, на која Институтот за европска политика (ЕПИ) ќе ги презентира констатираните состојби, заклучоци и препораки од коалиција на невладини организации на земјава за одредени човековите права за периодот опфатен со циклусот, а последователно ќе се сретне и со клучни постојни мисии. Фокусот ќе биде на работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и за инклузивното образование на лицата за попреченост.

Од ЕПИ за „Слободен печат“ изјавија дека од нивна страна се анализира и проблемот со личните асистенти во образовниот систем каде се воочени неправилности во однос на доделувањето односно недоделување на личен асистент на децата со попреченост, како и отсуството на контрола врз работата на асистентите, следење на напредокот на детето, евалуација и други аспекти во однос на инклузивниот образовен процес.

Димитар Иваноски, ученик и млад пејач од Прилеп /Фото: “Слободен печат”/Драган Митрески

Желба на Димитар е да биде популарен пејач и диџеј

Во исчекување на ревидирана одлука на комисиите на МОН, Димитар останува со другата своја најголема желба, а тоа е пеењето. Посакува наскоро да настапи со нова песна на некој детски фестивал, а неодамна, признава, покрај тоа што сака да биде популарен пејач добил желба да стане диџеј и сите да танцуваат и да се забавуваат на неговата музика. Неговите родители прават се` за да не го разочараат и да го поттикнат да го оствари она што го посакува.

Но композиторите си ги наплатуваат своите услуги без исклучок, па дури и една детска песничка чини и по 700 евра, а целиот настап на музички фестивал, кој вклучува патување, сместување, гардероба е дополнително оптоварување за скромното семејство од Прилеп кое се бори за своето дете и гледа да го мотивира во неговите желби и амбиции.

Димитар е со оштетен вид од раѓање, како предвремено родено бебе кое со месеци било во инкубатор. Благодарение на брзата реакции на докторите во тоа време, на едното око  делумно е зачуван видот. Оди на редовни контроли во Прилеп, во Скопје и во Белгија каде од малечок се работело на подобрување на видот на едното око.

Единствена надеж за подобрување на видот кај Димитар е експерименталната метода со микрочип која и покрај обидите направени кај пациенти во Германија засега е неуспшна, но станува збор за технологија која се развива и може некогаш да профункционира.

Целото видео со Димитар Иваноски, ученик и мал борец од Прилеп погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот