УЈП: Над 35.000 граѓани имаат проблем со е-даночни услуги
Над 35.000 незавршени регистрации се евидентирани во системот е-даночни услуги (Е-ППД), информира Управата за јавни приходи (УЈП), која ги повика граѓаните да ја комплетираат постапката. Од УЈП велат дека при проверка на системот било утврдено дека голем број граѓани започнале регистрација на кориснички профил како даночни обврзници – физички лица, но процесот не бил завршен до крај.
Препорачано
До корисниците кои имаат незавршена регистрација биле испратени персонализирани известувања од електронската адреса [email protected], со инструкции за следните чекори. Граѓаните кои добиле вакво известување потребно е да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП со важечки документ за идентификација, каде овластено службено лице ќе ја одобри регистрацијата.
Од институцијата потсетуваат дека активниот профил во системот е-даночни услуги им овозможува на граѓаните пристап до повеќе електронски услуги – увид во податоци од Годишната даночна пријава, добивање уверенија за остварен доход, како и користење на податоците кои УЈП ги доставува до други институции. Активниот профил е потребен и за користење на апликацијата „МојДДВ“, преку која граѓаните можат да скенираат фискални сметки и да остварат поврат на дел од данокот на додадена вредност.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат до УЈП преку електронската адреса [email protected] или телефонските броеви објавени на официјалните канали на институцијата.
УЈП: Стабилност на приходите од наплатата на данокот на добивка


