Ненад Савески - Фото: Социјални медиуми

Републичкиот обвинител вели дека уште се собираат информации за водата во Гостивар

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески вели дека е рано да се даваат правни квалификации за случајот со водата во Гостивар, откако од болницата „Д-р Ферид Мурад“ во градот денеска официјално информираа дека за 3-4 дена им се пријавиле 1.200 пациенти со симптоми на дијареја и повраќање, што претставува исклучително зголемен број споредено со нормалното.

Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за пиење на водата поради сомнение дека е загадена и небезбедна за употреба. Официјалните информации од АХВ се дека надлежен обвинител утврдил дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем.

1.200 пациенти завршија во болница во Гостивар, зашто „Водовод“ заедно со Општината поставиле три пумпи во корито со отпадни води, се сомнева МВР

Савески вели дека јавен обвинител прибира информации од надлежните институции за да се утврдат околностите и да се увиди дали станува збор за кривично-правен настан.

-Да не избрзувам со правната квалификација околу настанот. Дејствијата се преземаат токму денес. Очекувам и јас информации од страна на надлежниот јавен обвинител, така што не би било благодарно сега од ова место да одредувам правна квалификација наместо надлежниот обвинител – рече тој.

Фото извор МВР
Фото извор МВР

Полицијата соопшти дека истражува кривично дело „загадување на водата за пиење“. Оттаму информираа дека постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот.

„Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик. Во расчистувањето на овој случај, покрај полицијата и обвинителството, веднаш се вклучија и Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем“, велат од МВР за „Слободен печат“.

Како што објави „Слободен печат“, големи тензии имало ноќеска во Гостивар, кога екипа на Институтот за јавно здравје отишла да собере мостри од водата на неколку локации по наредба на јавен обвинител. Според информации на „Слободен печат“ од добро упатени извори, на вработените од ИЈЗ не им било дозволено да ги земат мострите од водата, на начин што се собрала поголема група луѓе да ги спречува во вршењето на својата службена должност. Вработените биле испратени да постапуваат по налог на јавен обвинител. Мострите биле земени и ставени во машини во ИЈЗ Скопје дури во четири часот ноќеска, поради ова одолговлекување. Вознемирени вработени плачеле утринава во ИЈЗ по бурната ноќ на терен. Микробиолошкото вештачење на мострите од водата се очекува да биде готово за 48 часа, а физичко-хемиското до утре.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот