Дали исчезнува едно од најпознатите сирења во светот?
Рекордните температури и продолжените суши во италијанскиот регион Емилија-Ромања го загрозуваат производството на млеко, ги зголемуваат трошоците за земјоделците и ја доведуваат во прашање иднината на индустријата вредна дури 4,5 милијарди евра. Во последниве години, производителите сè повеќе се борат со екстремни временски услови. Додека во минатото шталите се ладеа само во текот на ноќта, денес вентилацијата мора да работи континуирано – пишува Бизпортал.
Препорачано
Кога температурата надминува 40 степени Целзиусови, кравите јадат помалку, одмораат повеќе и произведуваат до 10 проценти помалку млеко, што директно влијае на производството на познатото италијанско сирење пармезан. Проблемот е дополнително влошен од сушата. Оригиналниот пармезан се произведува исклучиво од млеко, сол и сириште, додека кравите се хранат само со трева и сено од локалното подрачје.
Претседателот на конзорциумот „Пармезан“, Никола Бертинели, предупредува:
-Ако нема дожд, нема ни трева ни сено, па затоа е невозможно да се произведе млекото потребно за сирење – вели тој.
За да го заштитат добитокот од топлината, производителите воведоа вентилатори и системи за прскање, што значително ги зголеми сметките за електрична енергија. Зголемени трошоци чувствуваат и магацините каде што сирењето зрее од една година до повеќе од три години.
Во објекти познати како „банки од пармезан“, се складираат до половина милион ролни сирење, чија вредност надминува 300 милиони евра.
Директорот на еден од најголемите магацини, Џанкарло Раванети, вели:
-За време на најинтензивните топлотни бранови, нашата дневна потрошувачка на енергија се зголеми за дури 30 проценти – вели тој.
Тој додава дека поради ова се принудени да инвестираат во подобра изолација на зградите и обновливи извори на енергија. Индустријата за пармезан вработува илјадници луѓе и е еден од најважните прехранбени сектори во Италија. Повеќе од половина од вкупното производство се извезува, а најголемиот пазар се Соединетите Американски Држави.
Директорот за меѓународна продажба на „ГранТере“, Паоло Ганзерли, предупредува дека екстремните временски услови дополнително ќе ги зголемат трошоците за производство и ќе ја намалат количината на млеко.
-Пармезан се произведува повеќе од 800 години“, се сеќава Ганзерли и заклучува: „Не сакаме да бидеме последната генерација што ќе го јаде.


