Иран се согласи на најстрогите нуклеарни инспекции во историјата, тврди Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Иран се согласил на долгорочни нуклеарни инспекции, и покрај негирањата на Техеран. САД, по првите разговори како дел од новиот мировен договор, ги укинаа санкциите врз Иран за 60 дена, објави Ројтерс.
Препорачано
„Иран целосно се согласи на најстрогите нуклеарни инспекции во далечна иднина (засекогаш!!!). Ова ќе обезбеди „нуклеарна чесност“. Доколку не се согласеа на ова, немаше да има понатамошни преговори!“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Од друга страна, Иран негира дека воопшто започнал преговори за својата нуклеарна програма или дека се согласил на враќање на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија во земјата.
Трамп изјави дека средствата ослободени од Министерството за финансии на САД ќе бидат депонирани на посебна сметка под контрола на САД. Средствата ќе бидат искористени за купување храна и медицински материјали исклучиво од САД, вклучувајќи пченка, пченица и соја.
„Ова се работите што очајно му се потребни на Иран. Ова е хуманитарна криза и верувам дека е императив да се помогне, и тоа сега, пред да биде предоцна“, напиша Трамп.
Трамп, исто така, рече дека американските бродови ќе останат во Ормускиот Теснец во случај да треба повторно да се воведе блокадата на иранските пристаништа, но додаде дека таквото сценарио е „многу малку веројатно во овој момент“. Тој, исто така, истакна дека 19 милиони барели нафта вчера го напуштиле Ормускиот Теснец.


