Овошје / Фото: Pexels

Искористете го летото за подобро здравје — овошја и зеленчуци што треба да се најдат на вашата чинија

Со доаѓањето на летото, многумина бараат полесни и освежителни оброци кои нема да бараат долго готвење покрај шпоретот. Токму затоа сезонското овошје и зеленчук се идеален избор. Лубеницата, јагодите, црешите, капините, пченката, пиперките и тиквичките не само што внесуваат боја и вкус во чинијата, туку обезбедуваат и важни хранливи материи кои придонесуваат за подобро здравје, пишува „Харвард хелт“.

Летната понуда е навистина богата и вклучува јаболка, кајсии, авокадо, банани, цвекло, пиперки, капини, боровинки, диња, моркови, целер, цреши, пченка, краставици, модар патлиџан, боранија, лимони, манго, праски, сливи, малини, јагоди, домати, лубеница и тиквички.

Една од најголемите придобивки од овие намирници се растителните влакна. Тие го поттикнуваат варењето, обезбедуваат подолго чувство на ситост и се поврзуваат со пониски нивоа на холестерол, шеќер во крвта и воспалителни процеси во организмот. Воедно, влакната придонесуваат и за подобро здравје на цревната микрофлора.

Летните плодови се богати и со витамини, минерали и фитонутриенти – природни растителни соединенија кои имаат антиоксидативно дејство. Доматите и тиквите содржат каротеноиди, бобинестото овошје е богато со антоцијанини, а црешите со терпени, соединенија кои можат да помогнат во борбата против хроничните воспаленија.

Дополнителна предност е високата содржина на вода. Лубеницата, дињата, краставиците, праските и јагодите помагаат организмот полесно да остане хидриран во текот на жешките летни денови.

Нутриционистите советуваат овие намирници да се вклучуваат во секојдневната исхрана преку различни комбинации. Свежите салати со домати, краставици и пиперки се класичен избор, а овошните салати со јагоди, боровинки и капини се одлично освежување. Добра идеја се и јогурт-парфеа со свежо овошје, ладни супи како гаспачо, домашна салса од домати и манго или зеленчук подготвен на скара.

За дополнително освежување, овошјето може да се замрзне и да се консумира како здрава ужина, а неколку капки лимон или лимета можат да му дадат свежина на секој оброк.

Експертите препорачуваат дневно да се внесуваат најмалку три порции овошје и две или повеќе порции зеленчук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот