Општина Центар не постави ни камери ни чувари на детските игралишта, сега пак бара повеќе полицајци на терен
Општина малку прави да си го заштити имотот и урбаната опрема во која вложува пари. Ниедна од двете одлуки што ги донесе во изминатите две години поврзани со заштита на детските игралишта и на урбаната опрема, досега не се реализирани.
Општина Центар на барање на жителите побарала засилено присуство на полицијата на терен во вечерните часови за да се спречи вандализирањето на детските игралишта.
Препорачано
За обнова на игралиштата постојано се трошат пари од општинската каса, а само за оваа година, како што соопшти градоначалникот Горан Герасимовски, во буџетот се предвидени 12 милиони денари, односно речиси 200 илјади евра.
Од Општината денеска информираа дека ги обновиле детските игралишта кај „Зебра“ во Капиштец и кај КАМ маркет во Дебар Маало, при што дотраените и оштетени реквизити се заменети со нови за да се обезбедат побезбедни и поквалитетни услови за игра на децата.
Вообичаено, градоначалникот упати апел за зачувување на урбаната опрема , нагласувајќи дека јавниот простор е заедничка одговорност.
На барање на жителите побаравме засилено присуство на МВР на терен, особено во вечерните часови, кога има појава на вандализам и оштетување на детските игралишта. Во општината има околу 50 детски, спортски, маалски и училишни игралишта. Даваме сѐ од себе да ги одржуваме и унапредуваме, но за жал често се соочуваме со нивно оштетување, поради што повторно вложуваме средства за нивно санирање. Апелирам до граѓаните заеднички да водиме грижа за јавното добро и да ги чуваме содржините што се наменети за сите – рече Герасимовски.
Камерите на Орце Николов ќе останат неактивни, ќе се проценува дали ги кршат правата на граѓаните
Токму на територијата на оваа општина во изминатите години, особено во летните периоди се случија неколку сериозни вандализирања на детски игралишта, а дел од нив беа и со видео снимка документирани по социјалните мрежи. По уништувањето на детското игралиште кај ТЦ „Зебра“ во Капиштец, извесен период на терен патролираше и полицијата. Потоа и тоа замре и сега во вечерните часови повторно жителите алармираат за присуство на тинејџери во вечерните часови на детските игралишта.
Герасимовски вели дека Општина Центар иницирала измени на повеќе закони со цел поефикасно справување со девијантното однесување кај младите, меѓу кои и воведување општокорисна работа за малолетните вандали и нивните родители.
Но, освен ваквите иницијативи самата Општина малку прави да си го заштити имотот и урбаната опрема во која вложува пари. Ниедна од двете одлуки што ги донесе во изминатите две години поврзани со заштита на детските игралишта и на урбаната опрема, досега не се реализирани.
Имено, уште пролетта 2024 година Советот на Општина Центар донесе одлука за начинот на вршење видеонадзор на јавните површини на територијата на Центар.
Целта на видеонадзорот на подрачјето на Општината е обезбедување заштита на имотoт и на имотните права на Општината и добрата во општа употреба според изготвена Анализа на целта, односно целите за кои се поставува видеонадзорот во Општината и тоа: заштита на урбана опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостојни рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите); заштита на инфраструктурни објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината); заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација; заштита на улична јавна расвета; броење и евиденција на возила за статистички мерења – беше, меѓу другото, прецизирано во одлуката на Советот.
Врз основа на оваа одлука требаше да се донесат и правилници во кои точно ќе се прецизира кој ќе биде овластено лице, кој ќе биде контролор и кој ќе има пристап до системот, на кои локации ќе бидат поставени камерите и сите други поединости за да не се прекрши Законот за заштита на личните податоци. Според одлуката, мониторинг-центарот требаше да биде сместен во просториите на ПОЦ, а снимки ќе бидат доказ за МВР при сторено кривично дело и при нарушување јавен ред и мир.
Само со апели не се чуваат игралиштата и урбаната опрема од вандализирање
Две години подоцна, од ова нема ништо, а од Општината не одговараат зошто не се спроведува оваа одлука, за која најверојатно, исто како и со камерите поставени на улицата „Орце Николов“ проблем е заштитата на личните податоци.
Минатата година пак, Советот ја прифати иницијативата на Ненад Матевски, советник од СДСМ, за воведување чуварска служба, која требаше да придонесе да се намалат и да се спречат сѐ почестите кршења и оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, која како пилот проект требаше да стартува еден месец подоцна во Капиштец.
Според изгласаниот текст, чуварската служба, која беше замислена како посебно одделение во ПОЦ, требаше да биде мобилна на терен, особено во вечерните часови и доколку чуварите забележат некои незаконски дејства, веднаш да го информираат општинскиот инспектор и МВР. Тие требаше да бидат обучувани од стручни лица за овластувањата, начинот на постапување во различни ситуации, комуникациските вештини и основните правни аспекти потребни за нивната работа.
Од Центар не одговараат на нашите прашања зошто ги нема чуварите на терен.
Матевски: Чуварите ќе бидат „очи и уши“ на жителите во Центар
Па така, заштитата на детските игралишта, оставени без чувари, неоградени и незаклучени во ноќните часови, повторно се сведува на апели до граѓаните и на повици до полицијата за почести патроли на терен.
Како што се виде во минатото полицијата патролираше повремено, а свесноста на дел од граѓаните за грижа на општото добро сѐ уште не е на високо ниво.
Можеби конечно е време Општината посериозно да се зафати со реализација на одлуките што ги усвоил Советот.


