Камерите на Орце Николов ќе останат неактивни, ќе се проценува дали ги кршат правата на граѓаните

Фото: Анета Стојковска/Слободен печат

Откако Општината ќе ја изврши законски утврдената обврска за процена на влијанието на заштитата на личните податоци, како што велат од надлежната Агенција, постапката ќе продолжи според утврдената процена.

Општина Центар не извршила процена на влијанието на заштитата на личните податоци пред да ги постави камерите на улицата Орце Николов, со кои треба да се контролира паркирањето на улицата, па поради тоа тие сѐ уште не се вклучени.

Граѓаните што живеат на оваа улица подолг период алармираат дека камерите се така поставени што „ѕиркаат“ во домовите на оние што живеат во зградите на првиот и вториот кат. Неодамна и градоначалникот Горан Герасимовски кратко извести дека камерите на Орце Николов, поставени во рамките на интегрираниот систем за паметно паркирање, не се активни.

– Во тек е постапка за усогласување на овој проект со Законот за заштита на личните податоци, по што Општината навремено ќе извести пред тие да бидат ставени во функција – соопшти Герасимовски.

Од Агенцијата за заштита на личните податоци објаснуваат дека во периодот јануари и февруари годинава по сознание од медиумите, спровела супервизија по службена должност во Општина Центар во однос на поставениот систем за вршење видеонадзор на улицата Орце Николов.

– При супервизијата беше утврдено дека поставените камери не се во функција и не се врши обработка на лични податоци. Исто така, беше утврдено дека Општината нема извршено процена на влијанието на заштитата на личните податоци, која според Законот за заштита на личните податоци при користење нови технологии за некој вид обработка, според природата, обемот, контекстот и целите на обработката, доколку постои веројатност истата обработка да предизвика висок ризик за правата и слободите на физичките лица, пред да биде извршена обработката, контролорот (во овој случај Општината) е должен да изврши процена на влијанието на предвидените операции на обработка во однос на заштитата на личните податоци – прецизираат од Агенцијата.

Оттаму додаваат дека процена се бара особено во случај на систематско набљудување јавно достапни простори во големи размери.

Со оглед на тоа дека при супервизијата извршена од Агенцијата било утврдено дека обврската за извршување на процената според член 39 од Законот за заштита на личните податоци не била спроведена, Агенцијата ја задолжи Општина Центар тоа задолжително да го направи пред да го пушти видеонадзорот во употреба, но и јавно да ги информира граѓаните дека поставените камери не се во функција т.е. дека не врши обработка на лични податоци. Откако Општината ќе ја изврши законски утврдената обврска за процена на влијанието на заштитата на личните податоци, како што велат од Агенцијата, постапката ќе продолжи по утврдената процена.

– Досега во Агенцијата за заштита на личните податоци граѓаните немаат поднесено претставки во однос на поставените камери на улица Орце Николов во општина Центар. Доколку некое лице смета дека му се злоупотребени неговите лични податоци од систем за вршење видеонадзор, граѓаните може да поднесат Барање за утврдување повреда на правото на заштита на личните податоци преку веб-страницата на Агенцијата или директно во нашите простории – објаснуваат од Агенцијата.

Камерите на Орце Николов беа поставени за време на реконструкцијата на улицата и како што објасни тогаш директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Васко Кичевски, тие се дел од проектот смарт сити. Идејата беше на улицата да нема вработени што ќе пишуваат казни, туку камерите да снимаат и да ги препознаваат возилата што не се резидентни, односно не смеат да се паркираат во должина на Орце Николов.

Ваков систем со камери за паметно паркирање, според најавите освен на улицата Орце Николов, треба да профункционира во Дебар Маало и парк, потоа во Буњаковец и Капиштец, а во последната фаза и во населбата Пролет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот