Матевски: Чуварите ќе бидат „очи и уши“ на жителите во Центар
Службата би била постојано мобилна на терен, а доколку забележи некои незаконски дејства, веднаш би го информирала општинскиот инспектор и МВР. Граѓаните ќе можат за секое недозволено дејство и однесување во однос на врсничко насилство, вандализам, неправилно фрлање смет и слично да им се обратат на чуварите.
За околу еден месец треба да почне пилот-проект во населбата Капиштец, откако Советот на Општина Центар едногласно ја прифати иницијативата на Ненад Матевски, советник од СДСМ, за воведување чуварска служба, која треба да придонесе да се намалат и да се спречат сѐ почестите кршења и оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, дрворедите и урбаното зеленило.
Препорачано
Оваа предлог-иницијатива произлегува од континуираната потреба за подобрување на квалитетот на животот и безбедноста на жителите на Општина Центар. Имајќи го предвид постојниот недостиг на доволен број полициски службеници и општински инспектори, сметам дека формирањето една ваква мобилна служба, која ќе ги покрива сите 17 урбани заедници, ќе претставува значаен чекор напред во заштитата на јавното добро – беше наведено во образложението на Иницијативата.

Според усвоениот текст, чуварите би вршеле надзор и заштита на урбаната опрема, детските игралишта, клупите, кантите за отпадоци, спортските реквизити и останатата опрема, но и на зелените површини и растенијата. Службата би била постојано мобилна на терен, а доколку забележи некои незаконски дејства, веднаш би го информирала општинскиот инспектор и МВР. Тие би биле обучувани од стручни лица за овластувањата, начинот на постапување во различни ситуации, комуникациските вештини и основните правни аспекти потребни за нивната работа.
Матевски се надева дека функционирањето на чуварите на терен ќе има позитивен ефект.
Ние им должиме на граѓаните, не може стално да ја префрламе вината, МВР е виновна или оној е виновен, ние да си го направиме тоа што е во наш домен, без оглед дали утре ќе има комунална полиција, дали поголемо присуство на полицијата на терен или понатаму, дали ќе има поголема децентрализација, па ќе ни дадат на сите општини да имаме поголеми надлежности. Во Барселона, на пример, има полицајци што се под општината. Мора службите и институциите да ги донесеме многу поблиску до граѓаните, тоа е тој клучниот момент и секако безбедноста – вели Матевски за „Слободен печат“.
Само со апели не се чуваат игралиштата и урбаната опрема од вандализирање
Чуварската служба ќе работи како одделение во рамките на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, а нејзиното формирање, според иницијаторот, не би требало да биде многу скапо и не би барало многу нови вработувања затоа што, како што вели, има и во општината и во „Паркинзи“ луѓе што можат да се прераспределат и веројатно би требало уште неколку нови вработувања.
За да биде и економски оправдано, претежно навечер ќе биде активна чуварската служба бидејќи обично во вечерните часови се крши, се оштетува, кога е темница и никој не гледа. Имаме 17 урбани единици во Општина Центар и се планира чуварите да бидат ротирачки. И не станува збор само за игралишта и урбана опрема. Ако има, на пример, дојава од жител во некое населено место, на граѓанинот полесно ќе му биде да каже на чуварот, а тој да пренесе во институцијата каде што треба и веднаш да се реагира. Или ако има оглагање шут противзаконски, да се реагира до комуналните редари. Или ако се тепаат деца, ќе има право да ги застане и да повика полиција. Значи, не е само за игралиштата и за урбаната опрема. Чуварите треба да бидат „очи и уши“ на жителите во едно маало. Ако нешто се случи, што било, веднаш ќе има посебен контакт со полицајците или со градежните инспектори или комунални редари, за што било што е противзаконски – објаснува советникот.
Чуварската служба ќе работи во тесна координација со МВР, ЈП ПОЦ и со општинските служби, со единствена цел, зголемување на чувството на сигурност на граѓаните на Општина Центар. Во државава веќе се практикуваат чуварски џслужби во некои институции.
Во Северна Македонија постојат примери на чуварски служби во рамките на одредени јавни претпријатија што успешно придонесуваат кон заштита на јавното добро. На пример, Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми ‘Македонски шуми’, има организирана служба за надзор и заштита на шумските подрачја. Исто така, националните паркови како Маврово и Пелистер имаат служби за надзор и заштита на природните богатства. Дополнително, во некои општини, јавните комунални претпријатија имаат служби за обезбедување и надзор на нивните објекти и инфраструктура – образложува Матевски.


