Само со апели не се чуваат игралиштата и урбаната опрема од вандализирање

Фото: Општина Центар

Искршени клупи, оштетени и откорнати реквизити, исечени подови на детски игралишта е грдата слика на повеќе локации низ Скопје. Граѓаните укажуваат, општините обновуваат, но ништо не може да ги запре вандалите кои, колку и да изгледа чудно, уживаат во тоа да уништуваат јавни добра, а притоа да не ги стигне казна.

Скопјани посочуваат дека тоа е дело на тинејџери и сведочат за групи што се собираат навечер на детските игралишта и како што велат, од „забава“ ги уништуваат. Тие бараат казни и за младите и за нивните родители, бараат општините да ангажираат чувари, повикуваат полицајците повеќе да се движат низ населбите и да си ја вршат работата или пак да има комунални редари кои постојано ќе патролираат.

Но, ниту има чувари, ниту позорникари, ниту некој е казнет за вандализирање на општо добро. Локалните власти се ангажираат, менуваат реквизити или целосно ги обновуваат игралиштата, се трошат општински пари, а потоа сѐ е оставено на свеста на граѓаните, иако на некои од нив очигледно им е многу ниска.

Општина Центар во изминатата година реконструираше повеќе детски игралишта. Последно од нив беше големото игралиште во паркот помеѓу зградите во Капиштец каде што беа обновени детските лизгалки, клацкалки, лулашки и поправени и офарбани сите оштетени дрвени реквизити. И по секоја ваква реконструкција од Општината потсетуваат дека треба да се чуваат детските игралишта за тие да останат катчиња каде што најмногу ќе уживаат најмладите. За жал, некои од нив не издржуваат ни цела недела пред „нападот“ на вандалите.

Тажно и срамно е ова што се прави. Детските игралишта и урбаната опрема се јавно добро за нашите најмили. Со нивно уништување, им се ускратува правото на игра на децата, но се доведуваат и во опасност. За кршење и уништување на реквизитите на детските и спортски игралишта, ќе следуваат парични казни. Како општина бараме поддршка од граѓаните – сите што ќе затекнат вандализирање и уништување на урбаната опрема, случајот да го пријават во општината за да се најдат сторителите и изречат казни – апелираа од Општина Центар.

Дивеењето на игралиштата, според фотографиите ги објавија од Општината, стигнало дотаму што се корнела и се сечела дури и подлогата на игралиштата.

Во населбата Ченто, пак, неодамна некој го запалил пластичниот покрив на лизгалката на игралиштето.

Апелирам до родителите и до младите за поголема грижа за она што општината го инвестира за урбанизација на просторот во месните и урбаните заедници. Во изминатиот период сведоци сме на голем број девијантни однесувања во кои се уништува она што се гради! Општината не може да изгради толку, колку што несовесните граѓани можат да уништат! – вели првиот човек на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Покрај на уништувањето на јавното добро, граѓаните се жалат и на однесувањето на групи малолетници што во вечерните часови го нарушуваат јавниот ред и мир.

Цело Дебар Маало е тероризирано од малолетни вандали, буквално секоја вечер. Се возат на најбучно што може со моторчиња, со музика до „даска“ од колите, но најжално од сѐ е што младиве не разговараат еден со друг туку викаат еден на друг. Полиција доаѓа пред „Силбо“ каде што најчесто се собираат навечер, ама групиве потоа мигрираат по уличките околу и се групираат кај „Рамстор“, „Кам“ и тука лумпуваат и го нарушуваат јавниот ред до доцна – се жали жител на Дебар Маало.

На вакви ноќни лудувања на тинејџерите реагираат и граѓани од Аеродром, од Кисела вода и од други скопски населби, кои токму нив ги посочуваат како виновници и за вандализирање на општото добро.
Сепак, дел од граѓаните сметаат дека не се само младите виновни, туку дека има и несовесни возрасни луѓе со лоши навики кон животната средина.

На општините и на полицијата им останува да не сметаат многу на свеста на граѓаните за зачувување на урбаната опрема која се поставува, туку да најдат начин како да ја сочуваат. А тоа никако не може да се случи без чувари, надзор и казни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот