Јазот меѓу приходите и расходите во буџетот се продлабочи за уште 114,2 милиони евра?!
За првпат, зголемувањето на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи смета дека капиталните расходи се само алиби. Поголем дефицит значи и нови задолжувања
За дури 114,2 милиони евра, или за 17,9 проценти е зголемен буџетскиот дефицит предвиден со ребалансот на буџетот во однос на основното планирање на државната каса за 2026 година. Во основниот буџет разликата меѓу приходите и расходите, која мора да се пополни со задолжувања, беше планирана на 638 милиони евра, а со усвоениот ребаланс на Владата, таа разлика стана дури 752,3 милиони евра. Во однос на планираниот бруто-домашен производ (БДП) за 2026 година, ова е зголемување на буџетскиот дефицит од 3,5 на 4,1 процент, нешто што е спротивно и на нашата законска регулатива, која ја поставува горната граница за буџетскиот дефицит на 3 проценти од БДП.
Препорачано
Со ребалансот на буџетот има зголемување и на приходната и на расходната страна. Но, додека на приходната планираното зголемување е за 1,2 проценти, односно од 6,09 милијарда евра на 6,17 милијарди евра, зголемувањето на расходната страна е за 2,8 проценти – од 6,73 милијарди евра на 6,92 милијарди евра. Оттука и раст на буџетскиот дефицит, но од Владата смируваат дека парите ќе се користат за инфраструктурни проекти што ќе значат раст на економијата. Сепак, расходната страна се зголемува за речиси 179 милиони евра, а капиталните расходи за 92,6 милиони евра.
Со ребалансот, капиталните расходи се планирани на ниво од 745 милиони евра, а во основниот буџет тие беа 652,4 милиони евра.
– За првпат зголемувањето на дефицитот е резултат, пред сè, на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Особено значајно е што со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции. Капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари или за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Не зборуваме за дефицит што финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој – потенцираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на презентацијата на усвоениот Предлог-ребаланс на буџетоит од страна на Владата.
Министерката појасни дека дополнителните средства ќе бидат насочени кон спроведување капитални проекти од стратегиско значење за државата, меѓу кои се изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, автопатот Скопје – Блаце, изградбата на железничкиот Коридор 8, инвестициите во водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, системи за управување со отпад, проекти за енергетска ефикасност, изградба и реконструкција на училишта, градинки, студентски домови, како и инвестиции во руралниот развој и модернизацијата на земјоделството. Значително се зголемуваат и средствата за капитални проекти во општините.
Сепак, за поранешниот вицепремиер за економски прашања, а сегашен пратеник од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, капиталните расходи се само алиби за зголемениот буџетски дефицит.
– Минатата година имаше сериозно потфрлување со капиталните проекти. Се префрлија дел од проектите, како и фактурите за оваа година. Затоа сега прикажуваат дека имаат повисока реализација на капиталните расходи – вели Битиќи.
Ребалансот се темели на остварувањата во првите пет месеци од годината и е нотирано дека во тој период се собрани 37,4 проценти од вкупниот износ на планирани приходи за 2026 година, а пак се потрошени 40,7 проценти од планираното за цела година.
– Немаше толку голема криза за вакво потфрлање на приходите. А сепак, со ребалансот се предвидува дека ќе има раст на приходите во однос на основниот буџет?! Јас сметам дека тоа нема да се случи. Има намалување на даночните приходи, а растот се темели на неданочни приходи и на донации. Донациите не се стабилен извор на приход и не може државен буџет да се потпира на донации – вели Битиќи.
Резултатот на зголемување на буџетскиот дефицит мора да значи и дополнителни задолжувања. Според ребалансот на Буџетот, за 2026 година е предвидено вкупно задолжување од речиси 2 милијарди евра, или точно 122,7 милијарди денари. Според основниот буџет, годинава требаше да се задолжиме со безмалку 1,9 милијарди евра, или точно 116,6 милијарди денари. Значи, треба да се пронајдат кредити за дополнителни 98,4 милиони евра.
– Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Притоа, над 54 милијарди денари се наменети за редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг – појасни министерката за финансии.
За ребалансот на буџетот свое мислење ќе даде и Фискалниот совет. Но, оттаму уште за основната верзија на буџетот за 2026 година потенцираа дека определбата на Владата треба да продолжи во насока на намалување на буџетскиот дефицит како процент од БДП. Оттаму потенцираа и дека отстапка од Законот за буџети, каде што максималниот буџетски дефицит е утврден на 3 проценти од БДП, е можно само ако има природни катастрофи, екстерни шокови што ги загрозуваат безбедноста и здравјето на граѓаните, како вонредна и/или кризна состојба, и остри финансиски или економски шокови што би предизвикале реален раст на БДП блиску до 0 или негативен.
Лоши прогнози за инфлацијата
Во услови на засилени геополитички тензии, особено поврзани со конфликтот на Блискиот Исток и растот на цените на нафтата, проекциите за инфлацијата се ревидирани нагоре, пишува во Предлогот за ребаланс на буџетот за 2026 година. Ревидирањето е од 2,5 проценти во основниот буџет на 4,5 проценти со ребалансот.
„Ризиците поврзани со можното пролонгирање на конфликтот, како и со растот на цените на примарните производи на меѓународните пазари и нивното прелевање во домашната економија, претставуваат клучен фактор за нагорната ревизија. Според најновите проекции, инфлацијата во 2026 година се очекува да изнесува 4,5 проценти, при што натамошните движења ќе зависат пред сѐ од развојот на надворешното окружување и ценовните движења на меѓународните пазари“, пишува во документот.


