Никола Мемов/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

„Пензиите не се доведени во прашање“ – Мемов со одговор на ревизорските забелешки

По објавување на ревизорскиот извештај за Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ПИОМ), се огласи директорот на, Никола Мемов. Тој  соопшти дека конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на институцијата во 2024 година се однесува на период во кој најголемиот дел од годината Фондот бил управуван од претходното раководство.

Според него станува збор за редовна годишна ревизија која ги опфаќа финансиското работење, усогласеноста на постапките и управувањето со средствата во текот на целата 2024 година. Актуелното раководство ја презело институцијата дури во последниот квартал од годината, поради што најголемиот дел од ревидираните постапки и констатирани состојби се однесуваат на периодот кога Фондот бил под раководство на претходниот менаџмент.

Од ПИОМ посочуваат дека значителен дел од забелешките на ревизорите се повторуваат со години и биле нотирани и во претходни извештаи, што, како што велат, укажува на наследени системски слабости.

-По преземањето на функцијата веднаш пристапивме кон анализа на ризичните процеси и воведовме конкретни мерки за отстранување на утврдените недостатоци- пишува Мемов на Фејсбук.

Тој објаснува дека во делот на јавните набавки веќе се отстранети сите забележани недостатоци, воведени се дополнителни контролни механизми, а зајакнати се и процедурите за планирање, реализација и контрола на набавките.

Во реакцијата се осврнуваат и на прашањата поврзани со обврските кон Фондот за здравствено осигурување и трансферите кон пензиските друштва од вториот столб. Според ПИОМ, зголемувањето на овие обврски е директна последица на историски најголемото покачување на пензиите во државата.

-Со зголемувањето на пензиите за околу 7.000 денари месечно за 347.000 пензионери, логично растат и обврските што се пресметуваат како процент од исплатените пензии- наведуваат од Фондот.

Фондот на ПИОМ смета дека најважно е што во ниту еден момент не е доведено во прашање здравственото осигурување на пензионерите. Сите пензионери непречено и континуирано ги остваруваат своите права од здравственото осигурување и редовно ги добиваат здравствените услуги под исти услови како и досега.

ДЗР: ПИОМ не може да ги исплаќа пензиите без помош од државата, 1,6 работници хранат еден пензионер

-Граѓаните и пензионерите треба да бидат уверени дека финансиската стабилност на Фондот, редовната исплата на пензиите, непреченото функционирање на пензискиот систем и континуираното обезбедување на здравствените права на пензионерите не се доведени во прашање и остануваат врвен приоритет на актуелното раководство на ПИОМ и Владата на Република Македонија- пишува Мемов.

ПИОМ нагласува дека повисоките обврски не се показател за финансиска нестабилност, туку резултат на повисоките пензии и подобрениот животен стандард на пензионерите.

Од Фондот додаваат дека целосно ги прифаќаат препораките на Државниот завод за ревизија и веќе работат на нивна имплементација, нагласувајќи дека финансиската стабилност на институцијата, редовната исплата на пензиите и непреченото функционирање на пензискиот систем остануваат врвен приоритет.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот