Наскоро отпадот од Скопје ќе се собира во две претоварни станици, а потоа ќе се носи во „Дрисла“
На две локации во Скопје наскоро ќе се отворат претоварни станици за отпадот од камионите на ЈП „Комунална хигиена“, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната седница на Град Скопје одговарајќи на советничко прашање.
Препорачано
Тој соопшти дека претоварните станици ќе бидат лоцирани во Гази Баба и помеѓу општините Ѓорче Петров и Карпош и според него, тие ќе служат за акумулирање на отпадот со што ќе се намалат трошоците на „Комунална хигиена“ бидејќи камионите нема да треба после секое полнење да одат до „Дрисла“, а воедно и, како што вели, со ова претпријатието побрзо ќе си ги завршува обврските.
Ние како Град Скопје обезбедивме две претоварни станици кои наскоро ќе бидат ставени во функција. Како што ме информираше директорот на ЈП „Комунална хигиена“, една ќе биде стационирана помеѓу општините Ѓорче Петров и Карпош, додека пак втората ќе биде во Гази Баба. Тие ќе служат за акумулурање на отпадот од камионите, кои наместо после секое полнење да одат до „Дрисла“, ѓубрето ќе се носи во претоварните станици и на тој начин камионите ќе бидат поефективни и побрзо ќе се собира отпадот, а воедно и ќе се намалат трошоците на претпријатието – изјави Ѓорѓиевски.
Во однос на набавката на 40 нови камиони за собирање отпад, тој соопшти дека постапката е водена од Министерството за транспорт и врски и Светска банка и дека веќе е завршен рокот за поднесување жалби, со што очекува за брзо да биде решен проблемот со дефицитот на возила.
Пред четири дена информиравме дека постапката од Министерството за транспорт и Светската банка за набавка на 40 специјализирани камиони за ѓубре, веќе е завршен рокот за жалби и сега е во фаза на рок на испорака, со што верувам дека за брзо време ќе се реши овој проблем – информираше градоначалникот.


