Фото: mtftennis.mk

Ивановски го елиминираше првиот носител на турнирот во Скопје

Македонскиот тенисер Калин Ивановски со доминантна игра го совлада првиот носител М25 Скопје Macedonian Open 2026, Андреј Чепелев 2:0 во сетови (64 62) за два часа и две минути игра. Во текот на целиот меч Ивановски имаше контрола и доминираше, а предноста ја правеше на почетокот на секој од сетовите.

Во првиот сет Ивановски направи брејк во третиот гем за водство од 2:1 во гемови и предноста ја одржуваше до крајот на сетот, кој го заврши со 6:4 во гемови. Во вториот сет македонскиот тенисер имаше два брејка и водство од 4:0 во гемови. Во седмиот гем се водеше голема борба и по 16 одиграни поени Чепелев намали на 5:2 во гемови, а во следниот гем на свој сервис „ја заврши работата“ и сетот го заврши со 6:2.

Во следното коло противник на Ивановски ќе му биде победникот од мечот Саша Марковиќ и Лиам Деликата.

Од другите македонски тенисери настапот во првото коло го завршија Стефан Мицов и Кристијан Јанев. Мицов за противник го имаше Каспер Симковјак од Полска, кој го доби мечот со 2-0 во сетови (62 62). Во првиот сет полскиот тенисер имаше три брејка, а Мицов успеа да му „одземе“ еден гем на сервис на ривалот. Во вториот сет Симковјак направи два брејка и поведе со 4:0 во гемови. Во последниот гем Мицов успеа да спаси три меч топки, но сепак противникот се радуваше на победата.

Младиот македонски репрезентативец Кристијан Јанев го загуби мечот со Валентино Конте од Аргентина со 2-0 во сетови (63 60). Во првиот сет по двата брејка Јанев поведе со 3:2 во гемови, но во продолжението Конте успеа да наметне своја игра и го доби сетот со 6:3, а потоа и следниот со 6:0.

Од другите македонски тенисери Обрад Марковски води во мечот со 1-0 во сетови (76(2)) против Максимилиан Борисов од Бугарија. Во вториот сет мечот е прекинат поради дожд при водство на Борисов од 2:0 во гемови. Во првиот сет во прекин е мечот и на Амар Хусеиновиќ, против Александер Вајс од Италија, кој води со 3:1 во гемови.

Од македонските тенисери според програмата треба да настапи и Горазд Србљак против Стефан Поповиќ, но силниот дожд им прави проблеми на организаторите, а неизвесни за одигрување се и мечевите во двојки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот