Ѓорческа: Ова беше остварување на сонот, мечот беше голема работа за сите во Македонија
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа испиша нова страница во историјата на домашниот тенис, откако денеска го одигра својот прв натпревар на главниот турнир на еден грен-слем. Со настапот во сингл конкуренција на Вимблдон, таа стана првата македонска тенисерка што настапила во главниот жреб на еден од четирите најголеми светски турнири. Претходно, единствен македонски претставник на Гренд слем во главен жреб беше Александар Китинов, но во конкуренција на двојки.
Препорачано
По мечот, Ѓорческа не го криеше воодушевувањето од историскиот момент и атмосферата на престижниот турнир.
„Иако се обидував да не размислувам за тоа пред мечот, не можев да го избегнам. Секаде се зборуваше за овој настап. Во Македонија во моментов нема многу големи спортски случувања, па ова беше глема работа за сите. Добив огромен број пораки за поддршка и тоа ми значи неизмерно. Да се игра на ваков терен, пред толку публика, е нешто неверојатно. Вимблдон е еден од најдобрите, ако не и најдобриот турнир во светот, па ова за мене е животно искуство, а да се соочам со Аманда Анисимова, финалистка и извонредна тенисерка, е исполнување на еден голем сон“, изјави Ѓорческа за официјалната веб-страница на Вимблдон.
Освен историскиот настап, македонската тенисерка ќе има и значителен напредок на ВТА-листата. Благодарение на успешното минување на квалификациите и настапот во првото коло на главниот турнир, Ѓорческа ќе освои 40 ВТА-поени, што по завршувањето на Вимблдон би требало да ѝ донесе скок до околу 200. место на светската ранг-листа.


