Сестина Фото: КФСМ

Сестина: „Одлично се чувствувам во Македонија“

Нејт Сестина е подготвен за првиот настап во дресот на македонската сениорска репрезентација. По повредата на раката која го спречи да дебитира во февруарскиот ФИБА „прозорец“, силното крило максимално подготвен го дочека новиот повик и веќе е дел од подготовките на избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал.

Играчот со евролигашко искуство веднаш се стави во функција на тимот кој ги одработува последните подготовки пред клучните натпревари од претквалификациите за Евробаскетот 2029. Првиот предизвик е дуелот со Ирска на 2 јули во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Сестина вели дека првите впечатоци од новата средина се одлични и дека со нетрпение го очекува моментот кога ќе го облече македонскиот дрес на официјален натпревар.

„Одлично се чувствувам овде. Тимот ми посака добредојде и моето прво искуство во Македонија е одлично. Имаме добар тим кој може да се натпреварува. Возбуден сум што имам шанса да играм на теренот со овие играчи, верувам дека исто се чувствуваат и моите соиграчи“, вели Сестина.

Заедничката работа и следењето на замислите на стручниот штаб се главниот фокус во пресрет на дуелите со Ирска и Луксембург.

„Работиме заедно, гледаме да се држиме до планот на игра, затоа што нашата заедничка цел е да победуваме и да имаме резултати“, додава новиот репрезентативец.

Од кошаркарот кој во последните сезони беше дел од европски гиганти се очекува да донесе квалитет во шутот, енергија и искуство на теренот.

„Од мене може да очекувате добра енергија, шут за три поени, но и тимска пожртвуваност. Јас сум момче кое сака тимска игра и работи за тимот. Се радувам на новиот предизвик и чекам на следниот меч“, порача Сестина пред своето деби во македонскиот национален тим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот