Неверојатен податок: Холандија на Светско првенство не загубила натпревар во регуларно време две децении
Холандската фудбалска репрезентација беше елиминирана од Светското првенство, но и покрај тоа зад себе има неверојатен мундијалски рекорд.
Препорачано
Имено, Холандија последен пат загубила натпревар во регуларните 90 минути на Светско првенство уште во 2006 година. Оттогаш „лалињата“ пропуштија само еден Мундијал, оној во Русија во 2018 година, а на вкупно 23 натпревари ниту еднаш не беа поразени во основниот дел од играта.
Последниот таков пораз го доживеаја во осминафиналето на Светското првенство во Германија во 2006 година, кога Португалија славеше со 1:0. По тој натпревар започна серија што продолжува и по актуелниот Мундијал.
На Светското првенство во Јужноафриканската Република во 2010 година, Холанѓаните ги добија сите три натпревари во групната фаза против Данска, Јапонија и Камерун, а потоа во нокаут-фазата ги елиминираа Словачка, Бразил и Уругвај. Во финалето беа поразени од Шпанија, но дури по продолженијата, кога Андрес Иниеста го постигна победничкиот гол.
Четири години подоцна, на Мундијалот во Бразил, Холандија стигна до полуфиналето. Во групната фаза ги совлада Шпанија, Австралија и Чиле, во осминафиналето беше подобра од Мексико, а во четвртфиналето ја елиминира Костарика по изведување пенали. Во полуфиналето повторно беше запрена по пенали, овојпат од Аргентина, пред да го освои третото место со победата над Бразил.
Холандија не успеа да се пласира на Светското првенство во Русија во 2018 година, а на Мундијалот во Катар во 2022 година ги победи Сенегал и Катар, ремизираше со Еквадор, потоа ја елиминираше селекцијата на САД, но повторно беше поразена од Аргентина по изведување пенали.
Истото сценарио се повтори и сега, кога Холанѓаните беа елиминирани од Мароко по пенал-рулетот, што значи дека нивната серија без пораз во регуларните 90 минути ќе продолжи најмалку до следното Светско првенство.
ВИДЕО | Уште една драма на Мундијалот: Мароко по изведување пенали ја испрати дома Холандија


