Зајкова: Не може граѓаните од странство да имаат поголеми избирачки права од оние кои живеат и придонесуваат тука
Доколку нема до крај разјаснет процес на контрола на гласањето, тогаш изборниот процес веројатно би бил гласање на бел лист хартија, порача лидерката на ЛДП, Моника Зајкова по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ со измените во Изборниот законик да ѝ се дозволи на дијаспората на следните претседателски избори да гласа електронски.
Препорачано
-Не е спорно дали да гласа дијаспората електронски, апсолутно немам ништо против гласачкото право на дијаспората. Но сметам дека не можам како пратеник од првата изборна единица да дозволам граѓаните од мојата изборна единица, од Скопје, од Македонски Брод или пак граѓаните од каде што се по потекло моите баба и дедо, Валандовско, Гевгелиско, имаме Битола, има села Тодори, Могила, Новаци… не можеме да дозволиме тие да бидат во понепривилегирана и дискриминирачка положба, бидејќи треба да бидеме свесни дека со ова законско решение воедно се укинуваат и избирачките места каде што има околу 10 жители и со тоа се ставаат во понепривилегирана положба граѓаните коишто живеат тука, на територија на Македонија – изјави Зајкова во вчерашното гостување во централниот Дневник на МРТВ.
Зајкова се согласува со тоа дека е недозволиво да не им се олесни правото на глас на македонските граѓани во странство кои придонесуваат за државата, но не би било фер да не им се олесни и правото на глас на оние кои живеат и придонесуваат тука, во Македонија.
-Уставот гарантира еднаквост на правото на глас. Не може за некого да му биде дозволено да гласа од дома, а други да треба да патуваат можеби и по 20 километри до првото избирачко место дома за да го остварат своето уставно загарантирано право на глас – нагласи претседателката на ЛДП.


