Уставен суд одлучува за колективниот договор за култура, СКРМ вели дека „виси во воздух“ децениската борба во фелата
Уставен суд денеска одлучува за судбината на Колективниот договор за култура, по иницијатива за оценување на неговата уставност поднесена од адвокатот Томислав Стефков, информира Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ).
Препорачано
„Ова е ден кога културните работници ќе добијат одговор – дали Колективниот договор, кој го чекаа 30 години, го преговараа 15 години и цели 9 месеци чекаа да започне неговата финансиска реализација по потпишувањето, ќе опстои една од ретките светли точки во културата. Генерации уметници и културни работници го поминаа целиот свој работен век без основни работнички права. Денес, кога тие права конечно се стекнати со долгогодишна борба, трпение и истрајност, се прават обиди тие да бидат поништени. Можеби денес некој ќе биде разочаран, а некој ќе има причина за радост. Но едно е сигурно – срамот нема да биде избришан“, соопштија од СКРМ.
Според Синдикатот, додека постојат луѓе кои ја создаваат културата, ја чуваат и ја бранат, таа ќе продолжи да се бори за своите права.
„СКРМ поднесе жалба до Меѓународната организација на трудот, во која, меѓу другото, се бара и мониторинг на сите судски постапки поврзани со Колективниот договор, вклучително и денешната одлука на Уставниот суд на Република Македонија“, нагласуваат оттаму.
Актерката Сања Арсовска преку социјалните мрежи посочи дека ако денеска одлучат дека колективниот е неуставен, тогаш се неуставни и Законот за култура, Законот за административни службеници, Закон за јавен сектор, Закон за работни односи, самиот Устав…
„Колективниот е чист ко солза на новороденче, единственото што пречи во него нема врска со уставот, туку со малициозни човечки особини“, објави таа.
И актерката и бивша политичарка Софија Куновска реагираше околу епилогот во Уставниот суд. Таа пиша „дали некои институции ќе ја заменат својата улога на столб на правдата со улоги слични на неговата, ќе видиме“.
„Го повикуваме Уставниот суд да го сочува својот интегритет, да остане ‘громобран’ од политичките напастници и жестоко да го осуди самоволието од страна на поединци, заитересирани само за продлабочување на својот џеб“, објави таа, притоа цитирајќи го Зоран Јанковиќ, градоначалник на Љубљана со изјавата „Културата не е трошок, културата е инвестиција“.
Синдикатот на културата претходниот и овој месец влезе во јавна војна со ресорниот министер Зоран Љутков.
Меѓу другото, реагираа дека вработените во Гостиварскиот театар трпат силен притисок и заплашувања, а притоа поднесоа и кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување, како и повреда на правата од работен однос“.
Обвинија дека Љутков незаконски пресметувал плати, односно, како што рекоа, со насоки пратени и мејл и упатство што сам го изготвил и потпишал, се обидел да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори.
Синдикатот на културата поднесе кривична против Љутков: „Министерот не е над законот“
Од друга страна, Љутков обвинувањата ги окарактеризира како „целосно неосновани и неточни“, тврдејќи дека никогаш не постапувал самоволно, ниту ускратил законски загарантирани работнички права.
Последно, тој ги обвини СКРМ дека се против реформи и дијалог, а притоа нивниот пристап е „неодговорен и претставува обид за манипулација на јавноста и инструментализирање на културниот сектор за политички цели“. Истечениот колективен договор го нарече „сериозен институционален проблем“.
„Овој застој не е резултат на недостиг на волја од моја страна, туку на однесувањето на раководството на СКРМ, кое наместо конструктивен дијалог, избра конфронтација и создавање на кризи“, објави тој пред неколку денови.


